177/1996-1-0

177/1996-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 12 и член 218 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 октомври 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на членовите 10, 67, 70 став 5 и 6, 81 став 1 и 2 и 89 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/92).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Димитар Меновиќ од Скопје му поднесе иницијатива со барање да поведе постапка за оценување уставноста на деловникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што уредувал прашања кои излегувале од доменот на надлежноста на Судот, што не било согласно со Уставот на Република Македонија.

3. На седницата Судот утврди дека со оспорените одредби од Деловникот се регулираат прашања во врска: со стекнувањето и губењето на правото на имунитет на судија на уставен суд (член 10, 67 и 70 ст.5); со утврдувањето на неуставност на закони односно прописи што престанале да важат во текот на постапката (член 70 алинеја 6 од Деловникот); со определувањето на рокови во кои граѓаните имаат право да бараат одделни права врз основа на одлука на Судот (чл.82 ст.1 и ст.2 од Деловникот) и со определувањето на висината и начинот на исплата на надоместокот на научни и стручни работници, како и на други лица кои, по покана на Уставниот суд, учествуваат во неговата работа.

4. Согласно член 13 од Деловникот, подносителот на иницијативата и донесувачот на оспорениот акт се учесници во постапката пред Уставниот суд.

Во член 28 алинеја 3 од овој деловник е предвидено дека Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување.

Од наведените одредби од Деловникот произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија, како доносител на оспорениот акт, врз основа на член 113 од Уставот, во постапката пред Судот, едновремено треба да се јави и како учесник во постапката и како суд кој ја оценува уставноста на актот што самиот го донел, поради што оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.177/96)

Leave a Reply