116/1996-0-0

116/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 25 септември 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Одлука за одредување на висината на придонесот и членарината во месечен износ кој се уплатува во полза на Фондот за солидрност на корисниците на пензии и членарината во полза на сметката на Сојузот на пензионерите бр.36/2 од 31 јануари 1995 година, донесена од Сојузот на пензионерите на Македонија – Општинско здружение Дебар.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Имери Азул од Дебар, му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 на ова решение. Според наводите во иницијативата оспорената одлука не била во согласност со Уставот на Република Македонија и со закон, затоа што со неа се основал солидарен фонд без согласност на корисниците на пензија.

3. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука се основа слидарен фонд за членовите на Општинското здружение на пензионерите во Дебар. Со Одлуката е определена и висината на влогот за солидарниот фонд во износ од 90,00 денари што го плаќаат членовите на Здружението. Со Одлуката, исто така, е определен и начинот на уплатата во Фондот, односно дека уплатата се врши при исплатата на пензиите.

4. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, одлучува за согласноста на прописите со Уставот и законите.

Судот смета дека оспорената одлука не претставува пропис односно општ акт во смисла на член 110 од Уставот, затоа што не уредува односи на општ начин, односно не уредува права и обврски за сите граѓани, туку само за членовите на здружението кои се согласиле да вложуваат во фондот за солидарност, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.116/96)

Leave a Reply