156/1996-0-0

156/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 став 1 алинеа1 и член 71 став 1 алинеа 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 септември 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на член 96 став 2 од Правилникот за систематизација на работите и задачите на Министерството за образование и физичка култура од 10.09.1993 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија Симеон Петровски од Скопје му поднесе иницијатива за оценување на законитоста на член 96 став 2 од Праивлникот за систематизација на работите и задачите на Министерството за образование и физичка култура од 10.09.1993 година, во која наведува дека со оспорената одредба биле предвидени само две стручни звања за извршителите во одделението за библиотечна дејност и педагошка документација при Педагошкиот завод на Македонија, што било во спротивност со член 45 и 46 од Законот за библиотечна дејност, каде што биле утврдени три стручни звања, како и со член 51 од Уставот и член 8 од Законот на органите на управата. Поради ваквата несогласност на предлагачот од формални причини му било одбиено барањето да биде распореден од стручното звање виш стручен соработник во стручното звање самостоен педагошки советник, бидејќи согласно член 96 став 2 од Правилникот за систематизација на работите и задачите, истиот можел да биде распореден само како соработник и виш стручен соработник, додека стручно звање самостоен педагошки советник за библиотечна дејност и педагошка документација не било предвидено.

3. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд, помеѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот, за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, и ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Од содржината на оспорениот Правилник Судот утврди дека истиот не претставува пропис донесен од министерот за образование и физичка култура во вршењето на јавни овластувања утврдени со закон, туку претставува акт со кој се уредени прашањата кои се однесуваат на работните односи на вработените во Министерството за образование и физичка култура, Педагошкиот завод на Македонија, Републичкиот педагошки совет и Републичкиот просветен инспекторат, поради што, имајќи ја предвид цитираната уставна одредба, најде дека не е надлежен да ја оценува законитоста на наведениот правилник.

4. Врз основа на наведените причини, Судот, согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов (У.бр.156/96).

Leave a Reply