109/1996-0-0

109/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 11 септември 1996 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за донесување на измена и дополнување на Деталниот урбанистички план за МЗ “Благој Стевковски-гојчо” и делови од МЗ “Центар”, МЗ “III МУБ” и МЗ “Панче Пешев” во Куманово, донесена од Собранието на Општина Куманово на 29 јуни 1994 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по поднесена иницијатива на Благоја Георгиевски од Куманово, со решение У.бр.109/96 од 12 јуни 1996 година, јповеде постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука затоа што постапката за донесување на Детален урбанистички план не била во согласност со законот односно пред неговото донесување претходела незаконита јавна расправа од причини што планот бил изложен само на излогот на Стоковната куќа, без претходно соопштение за времето и местото на изложувањето. Планот бил изложен само на едно место а не и во другите мерсни заедници за кои се однесува планот. Исто така при изработка на планот воопшто не била земена во предвид фактичката состојба на лице место за секој поединечен објект па потоа секој поединечен објект и сите заедно не биле функционално усогласени.

4. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука се донесени измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план за МЗ “Благој Стевковски-Гојчо” и делови од МЗ “Центар”, МЗ “III МУБ” и МЗ “Панче Пешев” во Куманово.

Во член 2 од ослуката е предвидено површината на опфатот на планот и кои улици се опфатени со измените. Понатаму, во член 3 од одлуката е предвидено дека составен дел на планот се текстуалниот дел на одлуката за примена на планот, котен, висински и наменски план, хортикуларен и сообраќане план, елаборати за заштита, нивелмански план и основни решенија за инфраструктурата. Во член 4 е предвидено кој ја потпишува документацијата од член 3 и каде се чува таа.

Понатаму, Судот утврди дека пред донесувањето на оспорената одлука спроведена е следната постапка.

На 25 април 1994 година Собранието на општината Куманово донело Заклучок за ставање на јавна расправа на нацрт-измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план за МЗ “Благој Стефковски-Гојчо” и делови од МЗ “Центар”, МЗ “III МУБ” и МЗ “Панче Пешев”. Во заклучокот е предвидено дека јавната расправа ќе трае од 17 мај 1994 година до 31 мај 1994 година, а планот ќе биде изложен на место каде ќе биде достапен на граѓаните од месните заедници за кој е изготвен истиот. Исто така подрачната единица на Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија ги известило граѓаните на Куманово преку локалното радио и локалниот весник “Наш весник” дека од 17 мај до 31 мај 1994 година се ставени на јавна расправа нацрт урбанистичките планови на излогот на Стоковната куќа “НАМА” во Куманово, меѓу кои измени во точката 2 од соопштението е и деталниот урбанистички план за МЗ “Благој Стевковски-Гојчо” и делови од МЗ “III МУБ”, МЗ “Центар” и МЗ “Панче Пешев”. Понатаму во соопштението е предвидено дека сите заинтересирани граѓани своите забелешки и предлози можат во писмена форма да ги достават до Подрачната единица на Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија – Куманово. За времетраењето на јавна расправа соодветни појаснувања по нацрт-измените и дополнувањата можат да се добијат кај изготвувачот на истите, односно ДОО “Простор” во Куманово.

Исто така Судот утврди дека на 29 јуни 1994 година Собранието на општината донело Заколучок за усвојување на извештајот од спроведената јавна расправа.

Во извештајот за спроведената расправа од Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија – Подрачна единица во Куманово е утврдено дека нацрт-планот бил изложен во излогот на Стоковната куќа од причина што просториите на МЗ “Благој Стевковски” ги користел Црвениот крст за складирање на хуманитарна помош и дека за време на траењето на јавната расправа од страна на заинтересирани граѓани биле поднесени 17 приговори.

Во извештајот е наведено кои приговори се прифатени, а кои не се прифатени и од кои причини.

По спроведувањето на оваа постапка Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија на 28 јуни 1994 година дало согласност по Планот за измени и дополнување на Деталниот урбанистички план на МЗ “Благој Стевковски-Гојчо” и делови од МЗ “III МУБ”, МЗ “Центар” и МЗ “Панче Пешев”.

По добивањето на согласноста односно на 29 јуни 1994 година собранието на општината ја донело оспорената одлука.

5. Согласно член 31 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85, 18/89 и 98/90), кој што бил во важност во времето на донесувањето на оспорената одлука, нацртот на урбанистичкиот план задолжително се става на јавна расправа, која се организира од органот на управата надлежен за работите на урбанизмот, на начин што планот се изложува во соодветна просторија на месната заедница за време од најмалку 15 дена, а во наредниот рок од 15 дена се примаат забелешките од граѓаните и другите заинтересирани субјекти. Во член 32 од Законот е определено дека урбанистичкиот план, пред донесувањето, задолжително се доставува на согласност до републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот. Во член 34 став 2 од истиот закон, е пропишано дека Собранието на општината ги донесува урбанистичките планови за подрачјето на општината, а според член 37 став 2, измените и дополнувањата на урбанистичките планови се вршат на ист начин и постапка како и при донесувањето на урбанистичките планови.

Од изнесените одредби произлегува дека јавната расправа по нацрт планот се организирала на тој начин што планот се изложува во соодветна просторија на месната заедница за која се врши измена на планот за време од најмалку од 15 дена.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај оспорената одлука не била донесена во постапка предвидена со законот кој важел во времето на нејзиното донесување, односно не бил изложен во секоја од месните заедници за акои се однесува планот, судот оцени дека оспорената одлука не била во согласност со законот кој важел во време на нејзиното донесување.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.109/96)

Leave a Reply