117/1996-0-0

117/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 11 септември 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на актот за воведување давачка за јавно осветлување, донесен од Јавното претпријатие “Електростопанство на Македонија” од Скопје или донесен од Собранието на Општина Дебар.

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од Менсур Абдулаи од Дебар, за поведување постапка за оценување уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што Јавното претпријатие или Собранието на Општина Дебар немале уставен основ да донесуваат акти со кои се воведува јавна давачка за граѓаните, туку јавните давачки можеле да се воведат само со закон, поради што наведениот акт не бил во согласност со член 33 од Уставот на Република Македонија.

3. На седницата Судот утврди дека за користење и одржување на јавното осветлување се плаќа комунална такса врз основа на член 4 став 1 точка 12 од Законот за комуналните такси (“Службен весник на СРМ” бр.45/72, 39/77, 42/80, 51/88, 11/91 и “Службен весник на Република Македонија” бр.28/91, 34/92, 4/93, 17/93, 45/93 и 33/95) и дека таа такса претставува давачка за задоволување на општите општествени потреби (член 1 став 1 од Законот).

Од изнесените законски одредби произлегува дека обврската за граѓаните да плаќаат давачка за јавно осветлување е воведена со закон.

Од друга страна, ЈП “Електростопанство на Македонија” го извести Судот дека не донело акт со оспорената содржина и дека
наплатувањето на таа давачка тие ја извршуваат врз основа на наведениот закон.

4. Имајќи предвид дека давачката за јавно осветлување е воведена со закон и дека подзаконски акт на Јавното претпријатие односно на Собранието на Општина Дебар за воведување на таква давачка не постои, Судот оцени дека нема процесни претпоставки за постапување по иницијативата, поради што, согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.117/96)

Leave a Reply