38/1996-0-0

38/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 мај 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за исплата на платите во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.62/95).

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од Сојузот на синдикатите на Македонија, за поведување постапка за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него се уредувала висината на платата што правното лице може да ја исплати, со што се ограничувале правата на вработените на соодветна заработувачка, најниска плата, на учество на вработените во утврдувањето на платите преку колективни договори, на основање на синдикати заради влијание во остварувањето на економската и социјалната положба на вработените и се ограничувала слободата на пазарот и претприемништвото и тоа на неопределено време, поради што Законот не бил во согласност со член 32 став 3 и 5, член 37 став 1 и член 55 став 1 и 3 од Уставот на Република Македонија.

3. На седницата Судот утврди дека со Законот се определува исплатата на платите во Република Македонија за месец јануари 1996 година и натаму правното лице да ја врши до висина на правото што го утврдило за месец декември 1995 година (членовите 1 и 2), а правното лице кое искажало загуба по годишната пресметка за 1995 година платите ги исплатува во висина од 90% од правото утврдено во претходните членови (член 3). Според член 4, Законот влегува во сила осмиот ден од објавувањето, што значи од 3 јануари 1996 година, а се применува почнувајќи со исплатата на платите за месец јануари 1996 година.

4. Според член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори, а според ставот 3 секој вработен има право на соодветна заработувачка. Согласно членот 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдено со закон и колективен договор.

Од овие уставни одредби произлегува дека секој вработен има право на заработувачка (плата) и тоа соодветна како право што произлегува од неговиот статус на вработен, а остварувањето на тоа право, како и на другите права се уредува со закон и со колективни договори.

Според тоа, правото на соодветна заработувачка и правото на социјална сигурност и социјално осигурување се уставни права на граѓаните и обврска на државата преку законското уредување да обезбеди правна основа за нивното остварување.

Со член 55 од Уставот се гарантира слобода на пазарот и претприемништвото, а Републиката е обврзана да обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и е овластена да презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот, според оваа уставна одредба, може да се ограничи со закон единствено заради одбрана на Републиката, зачувувањето на природната и животната средина или здравјето на луѓето.

Согласно член 57 од Уставот, Републиката го поттикнува економскиот напредок и се грижи за порамномерен просторен и регионален развој, како и за побрз развој на стопански недоволно развиените подрачја.

Од овие уставни одредби, како и од целината на Уставот, произлегува дека во економската сфера улогата на државата е ограничена на поттикнување на економскиот напредок и тоа преку гаранциите на слободата на пазарот и претприемништвото и на правата кои произлегуваат од сопственоста, како и со преземање мерки против монополските состојби.

Законот за изменување и дополнување на Законот за исплата на платите во Република Македонија е донесен поради истите причини и начела како и Законот за исплата на платите во Република Македонија, (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/94) кој беше оспорен пред Уставниот суд и по кој Судот не поведе постапка (У.бр.127/95 од 17 мај 1995 година).

Имено, побрзото опаѓање на физичкиот обем на индустриското производство од реалниот пад на платите, како и релативно повисоко ниво на платите во вонстопанските дејности од тие во стопанството ја наметнаа потребата од натамошно контролирање на платите и во текот на 1996 година. Според тоа, тргнувајќи од уставното овластување на Собрнаието на Република Македонија да донесува закони, Собрнаието со оспорениот закон утврдува контрола на порастот на платите и одделните надоместоци кои имаат карактер на материјални трошоци и заедничка потрошувачка, со цел да се стабилизираат макроекономските текови во Републиката.

Со оглед на тоа што оспорениот закон во суштина е идентичен со одредбите од Законот за исплата на платите во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/94), кој беше предмет на оцена пред Уставниот суд, Судот оцени дека расправал за спорните прашања содржани во иницијативата по тој предмет и дека за нив зазел определен став. Според тој став, со оспорениот закон се уредуваат прашања кои значат разработка на уставното право на работникот на соодветна заработувачка и начинот на остварувањето на тоа право, како право од работен однос односно утврдување најниско ниво како социјална мерка и дека во таа функција се врши контрола на монетарната политика преку влијанието на движењето на платите, а заради остварување на стабилизација на економските текови и на стопанството во целост, како и заради остварување на обврските на државата во вршењето на нејзината социјална функција.

Од околноста што содржината на оспорениот закон во основа е идентична со содржината на Законот што веќе бил предмет на оценка, Судот оцени дека нема причини Судот да одлучува поинаку, односно дека нема причина да се постави прашањето за согласноста на Законот со Уставот.

5. Што се однесува, пак, до наводот во иницијативата дека неопределувањето на времетраењето на Законот значи ограничување на слободата на пазтарот и на претприемништвото, Судот смета дека од содржината на Законот недвосмислено произлегува негово важење во текот на 1996 година, и дека, поради тоа, Судот одлучи како во однос на Законот за исплата на платите во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/94) кој важел во текот на 1995 година.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски (У.бр.38/96).

Leave a Reply