306/1995-0-0

306/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз оснвоа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија ” бр.70/92), по одржана јавна расправа, на седницата одржана на 29 мај 1996 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 42 став 2 од Колективниот договор на АД “ОХИС”-Скопје од декември 1994 година и член 76 став 3 од Колективниот договор за дејноста хемиска индустрија (“Службен весник на Република Македонија” бр.60/94).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Ристо Новоселски од Скопје поведе постапка за оценување законитоста член 42 став 2 од Колективниот договор на АД “ОХИС” – Скопје, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со членот 135 став 3 од Законот за работните односи.

Уставниот суд на Република Македонија, при испитувањето на законитоста на Колективниот договор на АД “ОХИС” – Скопје поведе постапка и за оценување законитоста на член 76 став 3 од Колективниот договор за дејноста хемиска индустрија затоа што се постави прашањето за неговата согласност со членот 135 став 3 од Законот за работните односи

4. Судот на седницата утврди дека според членот 42 од Колективниот договор, решение за упатување на привремен принуден одмор донесува работоводниот орган.

Приговорот поднесен против решението за упатување на работникот на привремен принуден одмор не го задржува извршувањето на решението.

По приговор одлучува комисијата за заштита на правата од работниот однос.

Според членот 76 од Колективниот договор за дејноста хенмиска индустрија, работоводниот орган го определува организациониот дел односно делот на производниот процес односно работата во кој се организира привремен принуден одмор и неговото времетраење.

Врз основа на одлуката на работоводниот орган за организирање на привремен принуден одмор, одговорното лице на организациониот дел во кој се организира приврмен принуден одмор, изготвува план за спроведување на привремен принуден одмор, и со решение поединечно ги определува работниците кои се упатуваат на привремен принуден одмор.

Приговорот поднесен против решението за упатување на работникот на привремен принуден одмор не го задржува извршувањето на решението.

Планот за спроведување на привремениот принуден одмор содржи: број на работници кои се упатуваат на привремен принуден одмор, времетраењето на привремениот принуден одмор поединечно за секој работник, бројот на работници кои остануваат на работа, работите кои се извршуваат од работниците кои не се упатени на привремен принуден одмор заради обезбедување на работите од претходниот член на овој Договор, можности за наизменично упатување на работниците на привремен принуден одмор, очекуваните економско-финансиски ефекти од организирањето на привремениот принуден одмор и други прашања значајни за неговото организирање.

По престанувањето на причините поради кои бил организиран привремениот принуден одмор работоводниот орган со одлука утврдува дека престанала потребата од организирање на привремен принуден одмор во организациониот дел, односно делот на производниот процес и дека се создадени услови за редовно производство, односно работа во истиот.

5. Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредувааат со закон и со колективни договори.

Според член 135 од Законот за работните односи работникот има право да поднесува барање заради остварување на своите права од работниот однос, како и право на приговор против одлука донесена во врска со неговите права, обврски и одговорности.

Барањето, односно приговорот работникот го поднесува до органот утврден со колективен договор, во рок од 15 дена од денот на врачувањето на одлуката со која е повредено неговото право, односно од денот кога дознал за повредата на правато.

Поднесувањето на барањето од став 1 на овој член го задржува извршувањето на одлуката до донесувањето на конечна одлука кај работодавецот, освен во случаите утврдени со закон.

Според член 84 од Законот, со колективен договор се доуредуваат во согласност со закон и со други прописи, правата, обврските и одговорностите на работниците и на работодавецот од работен однос, како и обемот и начинот на остварување на правата и обврските и другите одредби за прашања од интерес за работниците и работодавецот, како и начинот и постапката за решавање на меѓусебните спорови. Колективниот договор се применува непосредно и е задолжителен за организацијата на работниците и на работодавците кои го склучиле и за сите работници и работодавци во чие име договорот е склучен.

Во конкретниот случај, со одредбите од колективните договори, овозможено му е на работникот да поднесе приговор против решението за упатување на привремен принуден одмор, меѓутоа е утврдено дека приговорот не го задрѓува извршувањето на решението.

Имајќи предвид дека одредбата од членот 135 од Законот за работни односи се однесува на остварување на правата на работникот да поднесува барање односно приговор заради остварување на правата од работен однос очигледно е дека со членот 42 од Колективниот договор не се доведува во прашање правото на користење на правни средства вклучувајќи го и правото на приговор, меѓутоа се ограничува ова право со тоа што приговорот не го задржува извршувањето на решението за упатување работник на привремен принуден одмор. Иако е право на организацијата со колективен договор да ги доуреди односите кои произлегуваат од работен однос тоа нормирање треба да биде во согласност со закон и со други прописи поради што основано се поставува прашањето за согласноста на членот 42 став 2 од Колективниот договор на АД “ОХИС” Скопје со членот 135 од Законот за работните односи.

6. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.306/95)

Leave a Reply