103/1996-0-0

103/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 став 1 алинеја 2 и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 мај 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на Одлуката за утврдување висина на закупнината што се плаќа по м2 корисна површина за користење на деловен простор со кој стопанисува Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија, ц.о. Скопје, донесена од Управниот одбор на Јавното претпријатие на 14 април 1995 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.29/95).

2. До Уставниот суд на Република Македонија е поднесена иницијатива од ТПЗ “Беласица” – Скопје, ул.”Петар Манџуков” б.б., за поведување на постапка за оценување на уставноста на длуката означена во точка 1 од ова решение, затоа што Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија со оваа Одлука еднострано ја зголемило закупнината до висина која што материјално тешко ги погодувала корисниците на деловниот простор и ги доведувала до состојба да не можат да ја платат закупнината, што не било во согласност со Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека одлучувал по оспорената Одлука, при што со решение У.бр.267/95 од 18 октомври 1995 година и со решение У.бр.322/95 од 19 ноември 1995 година, ги отфрлил иницијаивите на подносителите, затоа што оценил дека оваа Одлука не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку со неа се уредуваат облигационо правните односи од договор за закуп на деловни простории помеѓу Република Македонија, како сопственик и закуподавач на деловните простории, и корисниците на деловните простории, како закупци, а преку Јавното претпријатие за стопанисување со станбениот и деловниот простор на Република Македонија, за што Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува.

4. Со оглед на тоа што Уставниот суд по оспорената Одлука веќе одлучувал, а сега нема основи за поинакво одлучување, согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов (У.бр.103/96).

Leave a Reply