84/1996-0-0

84/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 точка 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 април 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Правното мислење за примена на конформната метода при пресметување на затезна камата, донесена од Врховниот суд на Република Македонија на 21 декември 1995 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Станое Буџевски адвокат од Битола му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што оспореното правно мислење не било во согласност со член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот и со член 279 став 1 од Законот за облигационите односи и со Законот за висината на стапката на затезна камата, затоа што иако според овие одредби е дозволено пресметување камата на камата при задоцнување со исплата на должникот. Врховниот суд без никаков основ ги елиминира овие одредби и врши измена на законот.

3. Разгледувајќи ја иницијативата, Судот утврди дека со неа не се бара оценување уставноста на закон и уставноста и законитоста на пропис за што, согласно член 11 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд е надлежен да одлучува, туку правно мислење што Врховниот суд на Република Македонија го донел со цел за обезбедување на единствена примена на Законот.

Поради тоа, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.84/96)

Leave a Reply