318/1995-0-0

318/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 март 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за преземање на основачките права врз РЖ “Скопје” – Здравствена станица Скопје, донесена од Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/95).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Комерцијална банка АД – Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата со оспорената одлука се преземале основачките права, деловниот простор, медицинската и друга опрема во услови кога ПОС Рудници и железарница “Скопје” отпочнало постапка за трансформација на претпријатието и основните друштва со ограничена одговорност, согласно Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал. Истовремено, ова претпријатие, согласно Законот за преструктуирање на дел од претпријатијата кои со своето работење искажуваат загуби влегло во групата на претпријатија во кои ќе се врши организационо и финансиско преструктуирање и кај кои побараувањата на државата, банките и јавните претпријатија се претвораат во влог на претпријатието. Според тоа, ПОС Рудници и железарница “Скопје” не можело да го оттуѓува и да го пренесува својот имот и недвижностите, ниту со надомест, ниту пак без надомест, ниту пак некој друг има право да го презема за било какви цели, посебно што со преземањето на деловниот простор, медицинската и другата опрема се обезбедувале влоговите – акциите на државата, банките и јавните претпријатија, до кои дошле согласно Законот за трансформација ….

Врз основа на изнесеното оспорената одлука не била во согласност со член 111 од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал и одредбите на Законот за преструктуирање на дел од претпријатијата кои во своето работење искажуваат загуби и принципите на пазарното стопанисување.

3. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука се преземаат основачките права врз РЖ “Скопје” – Здравствена станица Скопје, која ќе продолжи со работа како јавна здравствена организација со назив Здравствена станица “Железара” – Скопје според Одлуката на Управниот одбор на ПОС Рудници и железарница “Скопје” – Скопје ЦО бр.081 од 26 јуни 1995 година и тоа: деловниот простор утврден со актот за основање на РЖ “Скопје” – Здравствена станица – Скопје; медицинската и друга опрема и вработените.

Со членот 2 од Одлуката е предвидено дека Здравствена станица “Железара” – Скопје ќе врши примарна здравствена заштита и дека средствата за нејзината работа ќе се обезбедуваат согласно Законот за здравствена заштита.

4. Според мислењето на Судот со оспорената одлука се уредуваат односи помеѓу ПОС Рудници и железарница “Скопје” – Скопје и Владата на Република Македонија во врска со пренесување односно преземање основачките права врз РЖ “Скопје” – Здравствена станица – Скопје, според тоа, таа не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, поради што Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува за нејзината уставност и закониост.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.318/95)

Leave a Reply