307/1995-0-0

307/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 март 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на дел од Деталниот урбанистички план на град Радовиш бр.08-58 од 1 март 1994 година, донесена од Собранието на Општина Радовиш.

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива од Ванчо и Никола Лазареви од Радовиш за оценување законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение затоа што не била во согласност со член 33 од Законот за системот на просторното и урбанистичко планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85, 38/90).

Според наводите во иницијативата подносителите на иницијативата во предвидениот рок по одржаната јана расправа по Планот доставиле писмени забелешки на Планот кои не биле вградени во Одлуката за донесување на измените и дополнувањата на Деталниот план за Радовиш, а Извештајот од јавната расправа што органот надлежен за работите на урбанизмот му го доставил на Собранието, не содржел образложение за неприфаќање на нивните забелешки.

3. Судот на седницата утврди дека со член 1 од Одлуката се донесуваат измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план наведени во Одлуката бр.08-487 од 7 декември 1992 година, донесена од Собранието на Општина Радовиш.

Со член 2 од Одлуката е предвидено дека составен дел на одлуката се техничкиот извештај; одредбите за примена на Планот, Извештајот по приговорите од јавната расправа и графичкиот дел.

Судот, исто така утврди дека Нацртот на Планот бил ставен на јавна расправа со излагање на Планот од 20 октомври 1993 година до 3 ноември 1993 година. Јавната расправа била одржана на 4 ноември 1993 година. Забелешките на граѓаните и другите заинтересирани субјекти изнесени на јавната расправа, како и доставени во рок од 15 дена по завршувањето на јавната расправа, биле разгледани од надлежниот орган за што е составен Извештај со образложение за неприфатените забелешки. Под реден број 479 од Извештајот се содржани предлозите (забелешките) на подносителите на иницијативата во смисла “да се воспостави пристап на К.П.2895/2 со тоа што да не го пресечуваат линии од урбанистички парцели, истиот да биде со ширина до изградената тераса на објектот К.П.2468.

4. Според член 31 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85 и 38/89), кој бил во важност во време на донесување на оспорената одлука, просторните и урбанистичките планови се изработени во две фази – нацрт на план и предлог на план. Нацртот на просторниот и урбанистичкиот план задолжително се ставаат на јавна расправа. Јавната расправа ја спроведува органот надлежен за работите на урбанизмот со излагање на плановите најмалку 15 дена во соодветна просторија на месната заедница, а забелешките на граѓаните и другите заинтересирани субјекти се доставуваат до надлежниот орган во писмена форма во рок од 15 дена по завршувањето на јавната расправа.

Според член 33 од Законот органот на управата надлежен за урбанизам му доставува на собранието на општината предлог на просторен, односно урбанистички план заедно со извештајот од јавната расправа со образложение за неприфатените забелешки.

Поаѓајќи од утврдената фактичка положба по предметот – дека Планот бил изложен во просториите на месната заедница и дека е спроведена јавна расправа по Планот, дека барањето на подносителите на иницијативата, да се обезбеди пристапен пат, е вградено во Планот, според мислењето на Судот не е потребно посебно образложение за обемот на прифатеното барање. Со оглед на тоа што забелешките, односно барањето за пристапен пат е вградено во Планот, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со наведените законски одредби.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.307/95)

Leave a Reply