112/1995-0-0

112/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 март 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 5 став 2 од Законот за личната карта (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/95), во делот што гласи “а имињата на припадниците на националностите се запишуваат и според јазикот и писмото на националностите”.

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од Томислав Стојановски – пратеник од Тетово во Собранието на Република Македонија и од ВМРО-ДПМНЕ преку адвокат Томислав Стојановски од Куманово, за поведување постапка за оценување уставноста на делот од одредбата на законот означен во точката 1 на ова решение, затоа што со него се овозможувало јазикот и писмото на националностите да се применува на целата територија на Република Македонија, а не само на територијата на единиците на локалната самоуправа каде што тие претставуваат мнозинство односно значителен број, поради што наведениот дел од одредбата на Законот не била во согласност со член 7 од Уставот на Република Македонија.

Воедно, со втората иницијатива е побарано Судот да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорената законска одредба, до донесување конечна одлука на Судот, заради спречување да настанат тешко отстранливи штетни последици.

3. На седницата Судот утврди дека според Законот за личната карта (“Сл. весник на Република Македонија” бр.8/95) личната карта претставува јавна исправа со која се докажува идентитетот, државјанството и живеалиштето на граѓанинот на Република Македонија и дека граѓанинот може да има само една лична карта (член 1), при што секој граѓанин со наполнети 18 години е должен да има лична карта (член 2), што ја издава Министерството за внатрешни работи (член 3), по барање кое се поднесува во Министерството според подрачјето на кое граѓанинот има живеалиште и на пропишан образец (член 4). Понатаму, во член 5 став 1 од Законот се пропишува образецот на личната карта да содржи: назив “лична карта”; натпис “Република Македонија” со втиснат грб на Република Македонија; ознака на серијата и серискиот број и место за фотографија. Исто така, Судот утврди дека со член 5 став 2 од Законот се определува во образецот на личната карта да се запишуваат следните податоци: општина во која личната карта се издава; име и презиме на граѓанинот, ден, месец и година на раѓање; место, општина и држава на раѓање; живеалиште и адреса на станот; единствен матичен број на граѓанинот; датум на издавање на личната карта; регистерски број; рок на важење на личната карта; потпис на овластеното службено лице на органот што ја издал личната карта и печат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, а имињата на припадниците на националностите се запишуваат и според јазикот и писмото на националностите.

Понатаму, Судот утврди дека според член 1 од Законот за личното име (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/95) личното име е лично право на граѓанинот и граѓанинот се служи со личното име што му е запишано во матичната книга на родените.

Од изнесените законски одредби произлегува дека во личната карта, која е јавна исправа за докажување на идентитетот, државјанството и живеалиштето на граѓанинот, сите податоци, меѓу кои и името и презимето на граѓанинот, се запишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, со тоа што името и презимето на граѓанинот припадник на националноста се запишува и според јазикот и писмото на националноста. Понатаму, произлегува дека граѓанинот има право да го избере личното име со кое ќе се служи.

4. Според член 7 став 1 од Уставот на Република Македонија во Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Со оглед на тоа што во член 5 став 2 од Законот е обезбедена употреба на службениот јазик на тој начин што сите податоци во личната карта се запишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со член 7 став 1 од Уставот на Република Македонија.

5. Имајќи го предвид изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.98/95 У.бр.112/95)

Leave a Reply