282/1995-0-0

282/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 став 1 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 март 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на точките 25, 162 став 2, 187 став 3, 193 став 1 (втора реченица), 198 став 2, 200 став 1, 282 став 2, 314, 479 и 480 од Правилото за служба во Армијата на Република Македонија, донесено од Претседателот на Република Македонија на 9 март 1995 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Стамен Филипов од Скопје му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на правилото означено во точката 1 од ова решение, затоа што со него претседателот на Републиката ги ограничувал слободите и правата на човекот и граѓанинот, поради што било несогласно со Уставот и со закон.

3. Судот на седницата утврди дека со оспореното правило се регулираат внатрешниот ред, дисциплина и односите во вршењето на воената служба во Армијата на Република Македонија.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и законите.

Имајќи ја предвид наведената уставна одредба, Судот оцени дека Правилото за служба во Армијата на Република Македонија, кое всушност претставува збир на строго интерни правила за функционирање на воената служба, не претставува пропис во смисла на овој член од Уставот и како такво излегува надвор од рамките на неговата надлежност, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.282/95)

Leave a Reply