9/1996-0-0

9/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 февруари 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Буџетот на Општина Штип за 1995 година – позиција 50 – трансфери за јавните гласила низ целата држава, донесен на 29 декември 1994 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија Трајче Торов од Штип му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со доделувањето на парични средства на Радио Штип од буџетот на општината се ставаат во нерамноправна положба другите медиуми во однос на една радио станица и таа добива монополска положба.

3. На седницата Судот утврди дека на седницата на Собранието на Општина Штип на 29 декември 1994 година, Собранието расправало и одлучило од Буџетот на Општина Штип за 1995 година да се доделат на Радио Штип средства за работа односно да се формира нова позиција под реден број 50 трансфери до јавните гласила низ целата држава во висина од 300.000,00 денари.

4. Согласно член 17 точка 19 од Законот за локална самоурава единиците на локалната самоуправа можат да основаат информативни гласила од значење за локалната самоуправа во согласност со закон, а согласно член 18 став 1 точка 3 од истиот закон единиците на локалната самоуправа во согласност со надлежните органи на државната управа, во согласност со закон можат да основаат како и да финансираат изградба, опремување и одржување на установите од областа на предучилишното воспитание, културата, спортот, здравствената заштита како и во други области од значење и интерес за граѓаните над нивото што го обезбедува Републиката.

5. Од изнесеното произлегува дека општината како единица на локалната самоуправа согласно наведениот закон и Законот за претпријатиајата може да се јави како оснивач и да го финансира опремувањето и одржувањето на установите односно јавните претпријатија од областа на информативната дејност.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај Собранието на општината се јавува како оснивач на јавното претпријатие Радио Штип и што од Буџетот на општината издвоило посебни средства за оваа намена, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на Буџетот со законот.

По однос на наводите од иницијативата дека со доделувањето на посебни средства на Радио Штип од Буџетот на општината тоа добива монополска положба во однос на другите радио станици и дека тие се ставени во нееднаква положба, Судот смета дека е неосновано од причини што во конкретниот случај се работи за јавно претпријатие кое е основано од општината и таа го финансира нејзиното постоење и нормално функционирање.

Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов (У.бр.9/96).

Leave a Reply