22/1996-0-0

22/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 февруари 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на Законот за исплата на платите во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/94 и 62/95).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Синдикатот за градежништво, индустрија за градежни материјали и проектирање на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на актот означен во точка 1 од ова решение. Во иницијативата се наведува дека со Законот била утврдена само најниската плата за пресметување и плаќање на даноци и придонеси од плата, а не била утврдена највисоката плата за одделни степени на сложеност, што не било во согласност со член 32 став 3 и 5 од Уставот и член 70 од Законот за работните односи.

3. Судот на седницата утврди дека согласно членот 5 став 1 од Законот, платата по работник која претставува основица за пресметување на даноците и придонесите од плата, не може да биде пониска од 65% од просечната месечна нето плата по работник во гранката на која и припаѓа правното лице регистрирано согласно со Уредбата за единствена класификација на дејностите, објавена во тековниот месец.

4. Според член 32 став 3 од Уставот, секој вработен има право на соодветна заработувачка, а ставот 5 утврдува дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно член 70 од Законот за работните односи, платата на работникот за работа со полно работно време не може да биде пониска од најниската плата утврдена за одделни степени на сложеност според закон или колективен договор.

Во конкретниот случај според наводите во иницијативата, Законот за исплата на платите не бил во согласност со Уставот и со Законот за работните односи поради тоа што не ја утврдувал најниската плата за одделни степени на сложеност.

Меѓутоа, согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, од што произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за меѓусебната согласност на законите ниту пак може да цени одредби кои не се содржани во закон.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.22/96)

Leave a Reply