298/1995-1-0

298/1995-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 февруари 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 98 став 1 точка 1 од Законот за патишта (“Службен весник на Република Македонија” бр.13/80, 26/80, 18/82, 13/86, 28/88, 27/89, 10/90, 11/91 и 62/93).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 95 и член 96 став 1 точка 1 од законот означен во точката 1 од ова решение.

3. На Уставниот суд на Република Македонија Никола Стојанов од Скопје му поднесе иницијатива за оценување уставноста на член 95, член 96 став 1 точка 1 и член 98 став 1 точка 1 од Законот за патишта, затоа што со оспорените одредби од Законот со кои се предвидува плаќање на надоместок за употреба на пат или негов дел или објект со помош на присилни наплатни места со рампи се ограничува слободата на човекот и граѓанинот утврдена во член 12 од Уставот , се загрозува човековото достоинство утврдено во член 25 од Уставот и се ограничува слободата на движење утврдена во член 27 од Уставот и затоа што со предвидденото ослободување од плаќање надоместок за патишта за возилата на ЈНА се овозможувало една странска држава слободно и без плаќање да мине на територијата на нашата република на кој начин се загрозува нејзиниот територијален интегритет.

4. На седницата Судот утврди дека во член 98 став 1 точка 1 е предвидено дека се ослободуваат од плаќање надоместок од точката 2 на член 95 од овој закон возилата на единиците и установите на ЈНА и возилата за потребите на општонародна одбрана.

Според член 122 од Уставот на Република Македонија вооружените сили на Република Македонија го штитат територијалниот интегритет и независност на Републиката.

Со оглед на изнесеното Судот смета дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со Уставот од аспект што ЈНА како субјект не постои а таа според Уставот не го штити територијалниот интегритет на Република Македонија, туку дека тое се вооружени сили на Република Македонија како и поради терминолошката неусогласеност со Уставот на Република Македонија.

5. Исто така Судот утврди дека во член 95 од Законот е предвидено дека средствата за изградба, реконструкција, одржување и заштита на јавните патишта се обезбедуваат од:

1. надоместокот за патишта што се пресметува и наплатува кон цената на нафтените деривати;
2. надоместокот за употреба на патиштата што се плаќа на друмски моторни и приклучни возила;
3. надоместокот што се плаќа на странски моторни возила;
4. надоместоци за употреба на патот што се плаќаат на друмски запрежни возила;
5. надомесстоци за вонреден превоз;
6. посебни надоместоци за употреба на пат, негов дел или објект на патот;
7. надоместоци за штети сторени на патот и објектите на патот, и
8. парични казни за сторени престапи и прекршоци пропишани со овој закон.

Во член 96 став 1 точка 1 е предвидено дека плаќање на посебни надоместоци за употреба на пат, негов дел или објект на патот од точка 6 на член 95 од овој закон можат да се воведат за употреба на новоизграден пат, ако на патниот правец постои друг јавен пат.

6. Според член 56 став 1 од Уставот сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебена заштита. Според ставот 2 од овој член на Уставот, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.

Тргнувајќи од тоа дека патиштата како добра во општа употреба се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита, нивниот правен режим се утврдува со закон. Така, со Законот за патиштата (“Службен весник на СРМ” бр.15/80, 26/80, 18/82, 13/86, 28/88, 27/89, 10/90, 11/91 и “Службен весник на Република македонија” бр.62/93), се уредени сите релевантни прашања за патиштата, нивното одржување и користење. Овој закон, сеуште, не е усогласен со Уставот на Република Македонија.

Работите на одржувањето на патната мрежа во состојба на современ, ефикасен и безбеден сообраќај, според овој Закон, ги врши организацијата (претпријатието) за одржување на патиштата и тоа, покрај другите работи, ги врши управните, стручните, оперативните и други работи кои непосредно произлегуваат од одржувањето на патиштата.

Изворите на средства за изградба, реконструкција, одржување и заштита на јавните патишта, исто така, се утврдени со овој закон.

Во таа смисла во член 95 се утврдуваат надоместоците што треба да се плаќаат за употреба на патот на друмските моторни возила и приклучни возила како едни од изворите на средствата за изградба одржување и реконструкција на патиштата како добра во општа употреба кои уживаат и посебна заштита, при што надоместокот за употреба на пат и негов дел или објект на пат може да се воведе само ако на патниот правец постои и друг јавен пат.

Со оглед на изнесеното Судот смета дека предвидените надоместоци во член 95 од Законот се во функција на редовно и безбедно одвивање на сообраќајот на патиштата и со нив на никој начин не се повредуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот во смисла на слободно движење на територијата на Републиката почитување на достоинството и угледот, правото на сопственост и други права и слободи утврдени со Уставот поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспроените одредби од Законот со Уставот.

Прашањата пак, кои се однесуваат за тоа дека патните правци за кои е предвидено да се плаќа надоместок не се обележани и дека тоа плаќање се врши на присилни рампи е фактичко прашање за кое Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.298/95)

Leave a Reply