374/1995-0-0

374/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 31 јануари 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 6 став 1 алинеја 2 и став 2 од Законот за јавните собири (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/95).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Бардул Кука од Дебар му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 6 став 1 алинеја 2 и став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со ограничувањата содржани во овие одредби се оневозможувало одржување на ниту еден јавен собир, што било во несогласност со член 21 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 6 став 1 алинеја 2 од Законот, Министерството за внатрешни работи ќе го прекине одржувањето на јавен собир во случаите кога истиот е насочен кон вршење или поттикнување на вршење кривични дела утврдени со закон, а според ставот 2 од овој член на Законот, Министерството за внатрешни работи ќе го прекине одржувањето на јавниот собир во случај кога неговото одржување е во спротивност со меѓународните договори со кои е предвидена обврска за непречено одвивање на сообраќајот.

4. Според член 21 став 1 од Уставот граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходна пријава и без посебна дозвола, а според ставот 2 од овој член на Уставот, користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на вонредна и воена состојба.

Членот 51 од Уставот утврдува дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законот и дека секој е должен да го почитува Уставот и законите.

Според член 118 од Уставот меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Уставот посебно внимание им посветува на основните слободи и права на човекот и граѓанинот и тоа како на граѓанските и политичките слободи и права, така и на економските, социјалните и културните права. Притоа, тие права и слободи се прецизно дефинирани со цел да се отстрани можноста од различни толкувања при уредувањето на условите и начинот на нивното остварување, а како суштинска определба, што е всушност и определба на современите демократски уставни системи во светот, Уставот ја утврдува еднаквоста на граѓаните во слободите и правата, како и нивната еднаквост пред Уставот и законите.

Уставно предвидените ограничувања на слободите и правата на човекот и граѓанинот и условите кога тие можат да бидат применети се конкретно определени за да се оневозможи злоупотреба и ограничување на слободите и правата и да не се даде можност од толкување на своите слободи и права на штета на слободите и правата на другиот. Според тоа, единствена граница на правата и слободите на човекот и граѓанинот како и за неговото дејствување во нивното остварување се слободите и правата на другите поединци и на заедницата во целина.

Во остварувањето на слободите и правата на човекот и граѓанинот, исто така, битно значење има почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија. Во таа смисла, почитувањето на ратификуваните меѓународни договори како дел на внатрешниот правен поредок и кои не можат да се менуваат со закон, е обврска за сите органи на државата.

Тргнувајќи од напред наведените основи, со Законот за јавните собири се определени случаите кога Министерството за внатрешни работи ќе го прекине одржувањето на јавен собир, а меѓу кои, ако истиот е насочен кон вршење или поттикнување на вршење кривични дела утврдени со закон или кога неговото одржување е во спротивност со меѓународните договори со кои е предвидена обврска за непречено одвивање на сообраќајот. Наведение обврски за овој орган, според мислењето на Судот, не значат ограничување на правото на граѓаните мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест, туку да се прекине одржувањето на јавен собир на кој преку вршење или поттикнување на вршење на кривични дела утврдени со закон, или со спречување на одвивање на сообраќајот, се повредуваат слободите и правата на другите граѓани. Притоа, се смета дека законодавецот имал предвид дека остварувањето на слободите и правата на човекот и граѓанинот не е апсолутно право, бидејќи тие не се цел сами за себе и не можат да се остваруваат само индивидуално, туку во заемност и меѓусебна зависност на луѓето. Дали, пак, еден конкретен јавен собир се одвива мирно или добива други димензии е право на надлежниот орган да одлучи и да ги преземе мерките за кои е овластен, а доколку врз таа основа се направени одделни повреди е работа за која може да се расправа и одлучува пред судовите.

Тргнувајќи од напред наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 6 став 1 алинеја 2 и став 2 од Законот за јавните собири со напред наведените одредби од Уставот. Напротив, предвидените овластувања на Министерството за внатрешни работи, содржани во овој член од Законот, претставуваат еден од облиците на заштитата на уставното право на граѓаните мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.374/95)

Leave a Reply