6/1996-0-0

6/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, и член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 31 јануари 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на Одлуката за давање на привремено користење на недвижности во општествена сопственост, донесена од Владата на Република Македонија на 16 мај 1994 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.26/94).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Планинарското друштво “Празни торба” од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение. Во иницијативата се наведува дека Владата ги пречекорила своите овластувања бидејќи оспорената одлука ја донела врз основа на член 18 став 3 од Законот за правата, обврските и одговорностите на републичките органи во поглед на средствата во општествена сопственост што тие ги користат (“Службен весник на Република Македонија” бр.41/85), а планинарските домови не биле категорија на ствари што ги користеле републичките органи при остварувањето на своите функции, ниту пак, самите објекти биле во таква функција. Во иницијативата се предлага до донесувањето на одлуката, Судот да донесе времена мерка за запирање на извршувањето на оспорената Одлука.

3. Судот на седницата утврди дека со Одлуката на Владата до донесувањето на прописите за здруженија на граѓаните односно за државната сопственост, на Планинарскиот сојуз на Македонија привремено му се даваат на користење планинарските домови “Матка”, “Горно Водно”, “Даре Џамбаз” и Врв Водно, “Китка”, “Караџица”, “Бегово”, “Дивље”, “Чеплез”, “Орешје”, “Бреза”, “Клепа”, “Браќа Јаневи”,”Ореов Дол”, “Дуње”, “Езеро”, “Водоча”, “Три Води”, “Вртешка”, “Козјак”, “Дервен”, “Копанки”, “Големо Езеро”, “Неолица”, “Тајмиште”, “Љуботен”, “Јелак”, “Титов Врв” и Планинарската куќа “Јосип Станчиќ”.

Недвижностите од став 1 на овој член на Планинарскиот сојуз на Македонија му се даваат на привремено користење без надоместок.

За давањето на привремено користење на недвижностите од став 1 на оваа одлука, помеѓу Република Македонија и Планинарскиот сојуз на Македонија ќе се склучи договор.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Тргнувајќи од содржината на оспорената одлука Судот оцени дека таа не е пропис во смисла на член 110 од Уставот бидејќи со неа привремено се даваат на користење точно утврдени објекти. Всушност оспорената одлука претставува поединечен акт кој има правно дејство само за еден субјкт, а не и за другите учесници во правниот промет односно не делува врз неопределен број субјекти. Со предвидувањето дека за давањето на привремено користење на точно определените недвижности ќе се склучи договор помеѓу Република Македонија и Планинарскиот сојуз на Македонија, фактички дејството на оспорената одлука се исцрпува, а сите понатамошни односи ќе се регулираат со тој договор.

5. Со оглед на тоа што Судот оцени дека оспорената одлука е поединечен акт кој не подлежи на уставно-судско оценување, Судот исто така оцени дека не треба да го прифати барањето до конечната одлука да го запре извршувањето на одлуката на Владата.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов (У.бр.6/96).

Leave a Reply