289/1995-0-0

289/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седниата одржана на 28 декември 1995 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката бр.08-226/1, донесена од Собранието на Општина Крива Паланка на 5 мај 1995 година.
2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.289/95 од 22 ноември 1995 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и со Законот за шумите.
4. На седницата Судот утврди дека според член 1 од Одлуката се прогласува за заштитна зона шумата во манастирскиот комплекс “Свети Јоаким Осоговски”, а според ставот 2 од Одлуката се забранува експлоатација на дрвната маса во заштитната зона на Манастирскиот комплекс “Св.Јоаким Осоговски” без оглед на сопственоста на шумата. Со член 3 од Одлуката се предвидува дека надзорот за спроведувањето на Одлуката ќе го врши инспекторот за шумарство-подрачна единица Крива Паланка, а во член 4 е предвидено нејзиното влегување во сила.
5. Според член 56 став 1 од Уставот сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба како и предметите и објактите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.
Според член 6 од Законот за шумите (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/74, 15/86, 51/88, 20/90, 37/91, 44/91 и 83/92), шумите според својата намена се стопански, заштитни и со посебна намена.
Стопанските шуми служат првенствено за производство на дрво и други шумски производи. Заштитните шуми служат првенствено како заштита на земјиштето, водните текови, стопанските и други објекти и друг имот. Шумите со посебна немена се: шумите што претставуваат особено природни реткости или убавини, или со посебно научно или историско значење (национални паркови и шумски резервати) шумите наменети за излетишта, семенски насади и семенските објекти и шумите наменети за научни истражувања, настава, воени и други потреби утврдени со посебни прописи. Спорд член 79 од Законот, заштитна шума односно шума за излетишта прогласува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, за шумите што ќе се наменат за научни истражувања, настава и шумски резервати прогласувањето го врши Владата на Република Македонија, а националните паркови се прогласуваат со закон.
Од цитираните одредби од Уставот и од Законот за шумите произлегува дека шумите како добра од општ интерес уживаат посебна заштита и посебен режим на одржување, обновување, унапредвуање и користење како на шумите во општествена сопственост така и на шумите во приватна сопственост. Притоа, Законот извршил поделба на шумите и според нивната намена и ги определил органите што ќе го вршат прогласувањето на определена шума на заштитена шума, шума со посебна намена и за национални паркови. Така, за прогласување на заштитена шума е надлежно Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, за прогласување на шумите со посебна намена ја определил Владата на Република Македонија, а националните паркови се прогласуваат со Закон.
Со оглед на тоа што општината не е овластена да врши прогласување на шумата за заштитна шума ниту да го уредува режимот на користење и стопанисување со шумите прогласени за заштитни шуми, туку тоа е во надлежност на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, Судот оцени дека одлуката не е во согласност со означените уставни и законски одредби.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга азова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков,Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.289/95).

Leave a Reply