276/1995-0-0

276/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, на седницата одржана на 27 декември 1995 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ членовите 11, 12, 13 и 14 од Правилникот за стручно усовршување на работниците во Медицинскиот центар “Тетово” во Тетово, донесен од Управниот одбор на 13 јули 1995 година.
2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, на иницијатива на Фатмир Џафери и други тринаесет подносители од Тетово и по сопствена иницијатива со решение У.бр.276/95 од 22 ноември 1995 година, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите 11, 12, 13 и 14 од правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со предвидувањето на дополнителните критериуми се повредувало уставното начело на еднаквост и се овозможувало субјективност на комисијата од случај до случај да доделува одреден број бодови.
4. На седницата Судот утврди дека во чле11 од правилникот е предвидено изборот на кандидатите за кои е утврден предлог за одобрување специјализација да се врши врз основа на исполнување приоритетни критериуми предвидени со овој Правилник кои се изразуваат во бодови.
Во член 12 како приоритетни критериуми се предвидуваат работно искуство во струката за што се доделува по еден бод за секоја година но најмногу 10 бода, за работа во пунктови во високи планинскисела и брза помош по 0,5 бода, но не повеќе од 2,5 бода, за просечен успех на студии по еден бод за секој цел број од почетната оценка, а за секој децимал на почетната оцена се додаваат 0,1 бод.
Понатаму Судот утврди дека во став 4 на член 12 е предвидено дека за особено стручни квалитети односно за придонес во Медицинскиот центар следуваат 5 бода, кои ги доделува Комисијата составена од пет члена.
Во член 13 е предвидено дека при утврдување на бодовите по критериумот работно искуство покрај полните години, како полна година се сметаат и работното искуство од наполнети 11 месеци.
Во член 14 е предвидено дека во работното искуство што е предвидено како критериум за утврдување на бодовите се зема предвид времето поминато на отслужување на воениот рок, доколку кандидатот бил како медицинско лице.
5. Согласно член 149 од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/91 и 46/93), здравствените рботници и здравствените соработници можат да специјализираат ако имаат завршен приправнички стаж, положен стручен испит и една година работно искуство во струката по положувањето на стручниот испит.
Според член 150 и 151 од Законот, Министерството за здравство утврдува критериуми и донесува програма за потребите од специјалистички и субспецијалистички кадри, а упатувањето на здравствените работници и здравствените соработници го врши здравствената организација по постапка и начин утврден со општите акти на организацијата, во согласност со програмата на Министерството.
Од изнесените законски одредби произлегува дека условите за добивање на специјализација се определени со Законот за здравствена заштита (завршен приправнички стаж, положен испит и една година работно искуство во струката по положувањето на стручниот испит), а Министерството за здравство ги утврдува критериумите за епсцијализација и донесувањето програма за потребите од специјалистички и субспецијалистички кадри.
Со оглед на изнесеното, Судот смета дека со законот не е дадена можност на здравствената организација со своите акти освен постапката и начинот за упатување на специјализација на кандидатите да утврди и дополнителни критериуми.
Со оглед на тоа што во оспорените одредби од правилникот се утврдени дополнителни критериуми за упатување на кандидати на специјализација, Судот оцени дека тие не се во согласност со Закон и одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.276/95)

Leave a Reply