267/1995-0-0

267/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 октомври 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување висина на закупнината што се плаќа по м2 корисна површина за користење на деловен простор со кој стопанисува Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија ц.о. Скопје (“Службен весник на Република Македонија” бр.29/95), донесена од Управниот одбор на Јавното претпријатие на 14 април 1995 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Сојузот на здружението на самостојните стопанственици при Стопанската комора на Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа еднострано се менувале договорите за закуп на деловен простор без право на жалба и судска заштита, се создавала монополска положба и нелојална конкуренција и таа влегла во сила пред да биде објавена, што не било во согласност со член 15, член 50 став 2, член 52 став 1 и член 55 став 2 од Уставот на Република Македонија и членовите 15 и 133 од Законот за облигационите односи.
3. Судот на седницата утврди дека со Законот за стопанисување со станбениот и деловниот простор на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/94) се уредува стопанисувањето со станбените згради, станови, деловни згради и деловни простории на кои право на користење, управување и располагање има Република Македонија. Понатаму, за стопанисување со станбениот и деловниот простор на Републиката, со овој закон, Републиката основа јавно претпријатие, како правно лице со права, обврски и одговорности што се утврдени со овој закон. Дејноста на Јавното претпријатие за стопанисување со станбениот и деловниот простор на Република Македонија, се работите кои се однесуваат на стопанисувањето со станбениот и деловниот простор на Република Македонија.
Според тоа, Република Македонија, како сопственик на станбен и деловен простор, преку Јавното претпријатие ги остварува правата и обврските шро произлегуваат од таквата сопственост. Таа, како сопственик, преку Јавното претпријатие, влегува во разни облигационо-правни односи, вклучувајќи го и склучувањето на договори за закуп и утврдувањето на висината на закупнината на нејзиниот деловен простор. Во таа смисла, државата го овластила Јавното претпријатие да ја утврдува висината на закупот, односно да склучува договори за закуп на нејзиниот деловен простор (член 5 став 1 алинеја 3 од Законот за стопанисување со станбениот и деловниот простор на Република Македонија – што е и основ за донесување на оспорената одлука). Всушност, државата преку Јавното претпријатие, кое ја донело оспорената одлука, настапува како сопственик, односно како една од страните во еден облигационо правен однос, а оспорената одлука се однесува на точно одреден круг на лица – закупци на деловниот простор на кој сопственик е Република Македонија.
Тргнувајќи од горенаведеното, според мислењето на Судот, утврдување то на висината на закупнината што се плаќа по м2 корисна површина за користење на деловен простор со кој стопанисува Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија, според тоа, и самата оспорена одлука, со која таа висина е утврдена, не претставува пропис во смисла на членовите 51, 52 и 110 од Уставот на Република Македонија, поради што оцени дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за нејзината согласност со Уставот и закон.
4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова р ешение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.У.бр.267/95

Leave a Reply