152/1995-0-0

152/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 октомври 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на
а) Одлуката за составот на Управниот одбор на ПОС Рудници за олово, цинк и преработка “Злетово” Ц. О. Пробиштип, донесена на конститутивната седница на Управниот одбор, на 7 март 1995 година;
б) Одлуката за именување генерален директор на ПОС Рудници за олово, цинк и преработка “Злетово” Ц.О. Пробиштип, донесена на седницата на Управниот одбор, на 7 март 1995 година; и
в) Одлуката за примена на критериуми и принципи за економски вишок на работна рака во ПОС Рудници за олово, цинк и преработка “Злетово” Ц.О. Пробиштип, донесена на седницата на Управниот одбор, на 7 март 1995 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива од група работници на ПОС Рудници за олово, цинк и преработка “Злетово” Ц.О. Пробиштип за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите озна чени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата Управниот одбор на ПОС Рудници “Злетово”-Пробиштип не бил конституиран во согласност со закон,односно претседателот на управниот одбор именуван од Владата на Република Македонија самиот го извршил изборот на членовите. Исто така, и генералниот директор на Претпријатието бил именуван по сопствен избор на претседателот на Управниот одбор. На тој начин биле суспендирани одредбите од Законот за претпријатијата и правата на работниците што ги остварувале со овој закон. Од истите причини подносителите на иницијативата сметаат дека и оспорената одлука за примена на критериумите и принципите за економски вишок на работна рака во ПОС Рудници “Злетово” Пробиштип е донесена од ненадлежен орган. По својата суштина оваа одлука содржела субјективни критериуми врз основа на кои работниците се прогласувале за технолошки вишок, без за тоа да биде донесена рационална и конкретна програма според потребите за подобрување состојбите во Претпријатието, односно без да биде донесен акт за систематизација и организација на работни места со утврден број на извршители.
Оваа одлука била спротивна и со Колективниот договор склучен на ниво на Претпријатието и Гранскиот колективен договор. Исто така не била во согласност со член 17 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување и со член 108 точка 5 од Законот за работните односи затоа што работниците прогласени за технолошки вишок не можеле да се стекнат со правото на пензија, како и дека утврдените критериуми за прогласување на технолошки вишок не ја имале предвид социјалната положба на работниците и нивните семејства.
Посебно, криериумот под точката 5 од оспорената одлука не бил во согласност со уставното начело на еднаквост затоа што со примената на овој критериум се создавал двоен режим на технолошки вишок, за јамските работници и за останалите работници.
Со дополнување на иницијативата од 29 септември 1995 година подносителите на иницијативата укажуваат на неправилности во спроведувањето на преструктуирањето на Претпријатието, односно за изборот на одделни работници на кои им престанува работниот однос поради технолошки вишок. Исто така укажуваат на фактот дека им престанал работниот однос на 485 работници од предвидените 500 работници како технолошки вишок, а веднаш потоа, на 26 јуни 1995 година бил распишан оглас за вработување на нови 95 работници.
3. На седницата Судот утврди дека оспорените акти немаат карактер на прописи во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
Во поглед на наводите изнесени заради во дополнување на иницијативата од 29 септември 1995 година, Судот, исто така, утврди дека се прашања за кои Уставниот суд согласно означената уставна одредба, не е надлежен да одлучува.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. У.бр.152/95

Leave a Reply