113/1995-0-0

113/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 септември 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на
а) членовите 11 и 12 од Правилникот за единствениот царински документ, донесен од директорот на Царинската управа на 10 септември 1993 година и
б) членот 33 од Правилникот за исправите во царинската постапка, донесен од директорот на Царинската управа на 10 септември 1993 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Пандора Геровска од Скопје му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение, затоа што: постоела меѓусебна неусогласеност на членот 12 од Правилникот за единствениот царински документ во царинската постапка со членот 33 од Правилникот за исправите во царинската постапка; правилниците не биле согласни со членот 164 од Законот за органите на управата и што нивната примена во практиката ги доведувала правните субјекти во нееднаква правна положба на пазарот, пради што биле несогласни со Уставот и со закон.
3. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на Законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и законите.
Со оглед на тоа дека со оспорените правилници само се уредува начинот на пополнувањето на образецот на царинските документи во истоимената постапка, односно не содржат одредби од материјално правна природа, туку се техничко упатство, Судот оцени дека тие не претставуваат правни акти во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, поради што тој не е надлежен да одлучува за нивната уставност и законитост.
4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.113/95 и 114/95).

Leave a Reply