278/1995-0-0

278/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 септември 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Наредбата за регулирање начинот и постапката во врска со остварувањето на правото на патување во странство, донесена од министерот за одбрана на 5 јули 1995 година.
2. НЕ СЕ УВАЖУВА барањето за изрекување времена мерка за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорената наредба.
3. На Уставниот суд на Република Македонија, Стамен Филипов од Скопје му поднесе иницијатива со барање Судот да поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на наредбата означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се ограничувале слободите и правата на човекот и граѓанинот, што не можело да се врши со општ акт односно со наредба, туку со закон и што не содржела обврска за нејзино објавување во “Службен весник на Република Македонија”, поради што била несогласна со Уставот на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди дека на 31 август 1995 година министерот за одбрана донел нова Наредба за регулирање на начинот и постапката во врска со остварувањето на правото на патување во странство, со чие влегување во сила е ставена вон сила оспорената наредба.
5. Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по неа.
Со оглед на тоа дека оспорената наредба за регулирање начинот и постапката во врска со остварувањето на правото за патување во странство е ставена вон сила, Судот оцени дека постојат процесни пречки за оценување на нејзината уставност и законитост, па одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Што се однесува до барањето Судот, до донесување на конечна одлука, со времена мерка да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорената наредба, оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за изрекување на таква мерка.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. У.бр.278/95

Leave a Reply