88/1995-0-0

88/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 70 и 79 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 јуни 1995 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВААТ
а) Одлуката на Јавното претпријатие “Комуналец” од Гостивар бр.02-876 од 3.12.1990 година;
б) членовите 5 и 6 од Одлуката на Јавното претпријатие “Комуналец” од Гостивар бр.02-876/1 од 3.12.1990 година;
в) членовите 6 и 11 од Одлуката на Јавното претпријатие “Комуналец” од Гостивар бр.02-123/3 од 29.03.1993 година;
г) точката 1 алинеја 2 од Заклучокот на Собранието на Општина Гостивар бр.08-386/1 од 29.12.1993 година.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Веле Манасиевски и група граѓани од Гостивар поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точка 1 од оваа одлука, поради тоа што со оспорените одлуки е воведена јавна давачка, за сите корисници на вода од регионалниот водовод за учество во финансирањето на изградбата на пречистителната станица на вода за пиење во Село Здуње.
4. Судот, врз основа на доставените акти во претходната постапка утврди дека предмет на уставно-судска оценка се актите означени во точката 1 од ова решение. Понатаму, Судот утврди дека Работничкиот совет на Јавното претпријатие “Комуналец” од Гостивар, со Одлука утврдил дека за изградба на пречистителната станица во Село Здуљњ и придружните објекти кон неа се воведува учество кое ќе го плаќаат сите граѓани и граѓанско правни лица кои користат вода од градскиот водовод на Град Гостивар. Со одлуките за измена на цените на комуналните услуги е утврден износот на цената за сите корисници на вода од регионалниот водовот кои ќе учествуваат во финансирањето на изградбата на пречистителната станица, како и рокот во кој ќе се прибираат овие средства и тоа од 1.01.1991 година до 31.12.1993 година. Со Заклучокот на Собранието на општината за усвојување на Информацијата за состојбите околу изградбата на станица за пречистување на вода за пиење е утврдена обврска да се продолжи со издвојувањето на наменскиот денар.
5. Согласно член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки, а според член 114 став 4 од Уставот, општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката.
Според член 5 од Законот за буџетите (“Службен весник на Република Македонија” бр.79/93), приходите на диниците на локалната самоуправа се обезбедуваат од данок на имот, данок на наследство и подарок, данок на промет не недвижности и права, од комунални такси, од дополнитделни приходи од Буџетот на Републиката во согласност со посебен закон, од приходи од даноци примени од земјата и странство (во стока и пари), од други приходи отстапени на буцетите на единиците на локалната самоуправа по разни основи во согласност со закон, како и приходите по основ на земање на заеми од Буџетот на Републиката со кои се финансира буџњтскиот дефицит.
Согласно Законот за општите начела на самопридонесот (“Службен весник на СРМ” бр.27/78), работните луѓе и граѓаните можат со самопридонес да здружуваат средства и труд за задоволување на определени заеднички интереси и потреби во месната заедница, односно општината во согласност со општите начела утврдени со овој Закон.
Членот 2 од овој Закон утврдува дека самопридонес може да се воведува заради остварување на заеднички интереси и солидарно задоволување на заедничките потреби на работните луѓе и граѓаните од непосреден интерес за животот и работата на луѓето и нивните семејства во месната заедница во областа на уредувањето на населбата, станувањето, комуналните дејности, детската и социјалната заштита, образованието, културата, физичката култура, заштитата на потрошувачите, заштитата и унапредувањето на човековата околина, народната одбрана, општествената самозаштита и другите области на животот и работата. Согласно членот 3 став 2, самопридонесот може да се воведе и за подрачјето на општината како целина ако служи за остварување на заедничките интереси и за задоволување на заедничките потреби на работните луѓе и граѓаните во таа општина.
Според член 6 од овој Закон, за воведување на самопридонес за подрачјето на месната заедница односно за подрачјето на општината како целина, работните луѓе и граѓаните одлучуваат со референдум.
Согласно член 17 од овој Закон, самопридонесот се смета за воведен ако за него со референдум (односно со писмени изјави ако се работи за станбен блок, улица или слично), се изјаснат повеќе од половината од работните луѓе и граѓаните запишани во избирачкиот список на подрачјето за кое се воведува самопридонесот.
Имајќи ги предвид наведените законски одредби Судот оцени дека и во времето кога се донесени оспорените акти според важечките прописи, самопридонес можел да се воведе само ако за него со референдум се изјасниле мнозинството од работните луѓе и граѓаните од подрачјето за кое се воведувал самопридонесот.
Во конкретниот случај, со Одлуката за градба на пречистителна станица за снабдување со вода за пиење донесена од Собранието на Општина Гостивар е предвидено средствата за градба по оваа инвестиција да се обезбедат покрај од другите извори и од местен самопридонес. Со оглед дека распишаниот референдум за воведување самопридонес на успеал, Судот оцени дека општината не можела да донесе одлуки за воведување на партиципација, а уште помалку можела да му препушти на Јавното претпријатие “Комуналец” со своја одлука да воведе партиципација на граѓаните и сите други правни лица за изградба на пречистителна станица. Дури и ако се претпостави дека референдумот бил успешен Општината и Јавното претпријатие “Комуналец” не можеле да воведат ваква давачка, со оглас дека и пред донесување на Уставот на Република Македонија даноците, таксите и другите давачки биле утврдени со закон, а општините самостојно ја утврдувале нивната висина.
Имајќи предвид дека со оспорените акти е воведено издвојување на наменски денар за инвестирање на градба на пречистителната станица, Судот оцени дека е тоа всушност вид на јавна давачка која треба државата да ја утврди со Закон. Во прилог на оваа оценка е и фактот што овој надоместок се уште нема елементи на облигационен однос во кој давачката треба да биде едвивалент на услугата, бидејќи дури откако пречистителната станица ќе биде готова може да стане збор за давање и наплаќање на услуга.
Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека Општината не е овластена да воведува даноци и други јавни давачки за финансирање на јавните потреби, ниту да ја определува нивната висина, а уште помалку тоа може да го прави Јавното претпријатие за комунални дејности.
Со оглед на тоа што со оспорените одлуки на Јавното претпријатие “Комуналец” од Гостивар се воведува партиципација за граѓаните и за правните лица за изградба на пречистителна станица, а со Заклучокот на Собранието на општината е утврдено да се продолжи со издвојувањето на наменскиот денар, Судот оцени дека тие не се во согласност со наведените уставни и законски одредби.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.88/95).

Leave a Reply