165/1995-0-1

165/1995-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеа 1 и член 71 став 1 алинеа 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија”) бр.70/920, на седницата одржана на 24 мај 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 9 став 1 алинеи 1 и 2 од Законот за исплата на плати во Република Македонија и член 6 точка 4 од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Синдикатот на работниците од управа, правосудство и општествени организации и здруженија на граѓани на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од законите означени во точка 1 од ова решение. Со член 9 став 1 алинеи 1 и 2 од Законот за исплата на платите се утврдувало дека правното лице може да врши исплата на надоместоците кои имаат карактер на заедничка потрошувачка и материјални расходи и тоа најмногу до 60% за регрес за годишен одмор и двократен износ за отпремнина при заминување на работникот во пензија со што се намалувале веќе утврдените права од член 56 став 3 алинеја 2 и став 5 алинеја 1 од Општиот колективен договор каде било утврдено 100% за регрес за годишен одмор и трикратен износ од основицата за заминување во пензија.
Со член 6 точка 4 од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија, надоместокот за превоз до и од работното место се исплатувал на вработените чие место на живеење било оддалечено над 2,5 км од работното место, а во висина на цената на слободната месечна карта, со што се зголемувал веќе утврдениот цензус од 2 км утврден во Колективниот договор.
Во иницијативата се наведува дека со оспорените одредби од законите, законодавецот на предлог од Владата извршил намалување на одредени права од работен однос утврдени во колективниот договор, без претходна консултација на Синдикатот како партнер во колективното договарање.
3. Разгледувајќи ја иницијативата Судот утврди дека според член 110 став 1алинеја 2 од Уствот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите. Согласно оваа уставна одредба, Уставниот суд не е надлежен да одлучува за согласноста на законите со колективните договори.
Дали пак Владата на Република Македонија при подготвувањето и предлагањето на оспорените закони ги консултирала или не своите партнери во колективното договарање е фактичко прашање за кое Уставниот суд не е надлежен да одлучува.
4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.У.бр.165/95 и У.бр.167/95

Leave a Reply