81/1995-0-0

81/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 14 став 1 и член 69 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 мај 1995 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Законот за работењето и управувањето на организациите на здружениот труд што вршат комунални дејности од посебен општествен интерес (“Службен весник на СРМ” бр.36/77).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по сопствена иницијатива, поведе постапка за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што оцени дека основано може да се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.
4. На седницата Судот утврди дека со овој закон се утврдуваат општите начела за работењето и основите за управувањето на организациите на здружениот труд што вршат комунални дејности од посебен општествен интерес (комунални организации). Дејностите односно работите што се од суштинско значење за работењето на организацитие на здруженииот труд и за другите самоуправни организации и заедници и се неопходен услов за животот и работата на граѓаните и другите корисници, според овој закон, се комунални дејности од посебен општествен интерес, а собранието на општината со одлука определува кои комунални дејности, односно работи, се од посебен општествен интерес. Посебнио т општествен интерес во вршењето на комуналните дејности, Законот го обезбедува и со учество на претставници на општествената заедница во управувањето со комуналната организација. Претставниците на општествената заедница, според овој закон, учествуваат во одлучувањето за основните намени за користење на средствата, програмите за развој и основните услови за здобивање на доходот и работењето, именувањето и разрешувањето на работодавните органи , како и во донесувањето на статутот, финансискиот план и за статусните промени. Понатаму, Законот предвидува одлуките на органите на управувањето на комуналната организација да се донесуваат со мнозинство гласови на претставниците на општествената заедница и мнозинство гласови на членовите на комуналната организација. Исто така, Законот го овластува собранието на општината да дава согласност на актите што ги носат комуналните организации. Овој закон ги овластува собранијата на општините, со одлука да можат да утврдат обврска за основање самоуправна интересна заедница во областа на комуналните дејности, како и да ги утврдат начелата на нејзината организација и меѓусебните односи во неа и да пропишат обврска за плаќање на придонес на таа заедница.
5. Согласно член 114 став 2 од Уставот на Република Македонија, единици на локалната самоуправа се општините.
Според ставот 4 на овој член од Уставот, општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката.
Во членот 115 став 1 од Уставот е предвидено во единиците на локалната самоуправа, меѓу другото, граѓаните непосредно и преку свои претставници да учествуваат во одлучувањето за прашањата од локално значење.
Согласно ставот 2 на овој член од Уставот општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката.
Ставот 3 на овој член од Уставот предвидува Републиката со закон да може да и довери вршење на определени работи на општината.
Имајќи ги предвид наведените одредби Судот утврди дека Уставот им го определил статусот на општините не како општествено-политички заедници, кои како такви беа носители на власта, туку како единици на локалната самоуправа во кои граѓаните, меѓу другото, учествуваат за прашања од областа на комуналните дејности. Според овие уставни одредби, општините немаат оригинерна функција на власт што би ја остварувале преку свои органи, туку ги извршуваат надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на нивната работа го врши Републиката.
Од наведените одредби Судот, исто така, утврди дека Уставот ја овластил Републиката, со закон да може да и довери вршење на определени работи на општината што значи и пренесување на дел од јавната власт, но едновремено и дека тие овластувања можаат да бидат одземени.
Имајќи ги предвид промените што настанаа во правниот систем на Републиката што се одразуваат низ Уставот на Република Македонија, Судот утврди дека оспорениот закон, покрај суштински содржи и терминолошки неусогласености, поради што оцени дека е несогласен со Уставот на Република Македонија.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседат елот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски,д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. У.бр.81/95

Leave a Reply