138/1995-0-0

138/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/94), на седницата одржана на 16 мај 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВАпостапка за оценување законитоста на
а) Одлуката за распишување референдум за воведување местен самопридонес, донесена на Собир на граѓаните на Месната заедница с.Бистрица-Битола на 21 јануари1995 година,
б) Одлуката за воведување на самопридонес во Месната заедница с.Бистрица донесена со референдум на 15 февруари 1995 година.
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на ” Актот” за избор на Советот на Месната заедница.
3 . На Уставниот суд на Република Македонија, Душко Поповски, Митре Ристевски и повеќе граѓани од с.Бистрица-Битола, му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од оваа решение, затоа што со оспорените одлуки бил воведен местен самопридонес за подрачјето на Месната заедница с.Бистрица во Битола, без да се запази постапката за воведување самопридонес и без да се води сметка за материјалните можности на граѓаните, што не било во согласност со Законот и што актот за избор на Советот на Месната заедница не бил во согласност со член 115 од Уставот, затоа што не бил донесен Закон за локалната самоуправа.
4. На седницата Судот утврди дека со оспорените одлуки се предвидува воведување на местен самопридонес во с.Бистрица – Битола за асфалтирање на улиците, реконструкција на локалниот пат и водоводната мрежа. Самопридонесот се воведвуа во пари, а обврзници на самопридонесот се граѓаните кои имаат живеалиште на подрачјето на Месната заедница и граѓаните кои имаат недвижен имот на тоа подрачје, а не се жители.
Висината на обврската изнесува 25% месечно од плата по вработен, пензионер, и од доходот по основ на земјоделие, а од граѓаните кои немаат живеалиште на подрачјето на Месната заедница по 200 ГМ. Самопридонесеот се воведува за време од осум месеци односно од 1 март до 31 октомври 1995 година.
Референдумот за воведување на самопридонес бил одржан на 12 февруари 1995 година, при што, во избирачкиот список од вкупно 720 граѓани на референдумот гласале 403 граѓани. Од тие 371 гласале за самопридонесот, 31 гласале против и едно неважечко ливче. Што значи за воведување на самопридонесот гласале повеќе од 50% од граѓаните запишани во избирачкиот список.
5. Според член 17 од Законот за општите начела на самопридонесот (“Службен весник на СРМ” бр.27/78) самопридонесот се смета за воведен ако за него со референдум гласаат повеќе од половината од работните луѓе и граѓани запишани во избирачкиот список на подрачјето за кое се воведува самопридонесот. Според став 2 на овој член од Законот за воведување на самопридонесот за изградба на определени објекти (член 10 став 1 од Законот) кои се од посредна и непосредна корист се изјаснуваат и работните луѓе и граѓаните кои немаат живеалиште на подрачјето за кое се воведува самопридонесот, но имаат недвижен имот. Постоењето на посредна и непосредна корист се утврдува при претресување на иницијативата за воведување самопридонес. Согласно член 7 од Законот, при воведувањето на об врската за плаќање на самопридонес мора да се води сметка за способноста на обврзниците за поднесување на обврските, односно за материјалните можности на работните луѓе и граѓаните. Според член 8 од Законот, висината на самопридонесот се утврдува сразмерно на личните доходи односно приходи на обврзниците.
Со оглед на тоа што самопридонесот е воведен во пропишана постапка, при што се водело сметка и за материјалните можности на граѓаните обврзници на самопридонесот, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одлуки со означените одредби од Законот.
6. На седницата Судот, исто така, утврди дека посебна одлука за избор на Совет на Месната заедница не е донесена. Од Записникот за одржаниот состанок на Месната заедница на 29 февруари 1992 година се избрани 11 членови односно Совет на Месната заедница, а од записникот за одржаниот Собир на избрачите од 21 јануари 1995 година Судот утврди дека претседателот на Советот на Месната заедница бил разрешен од должност и на негово место бил избран нов претседател.
Од изнесената фактичка состојба произлегува дека “Актот” за избор на Советот на Месната заедница не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот, поради што Судот не е надлежен да одлучува.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.138/95, 139/95 и 140/95

Leave a Reply