123/1994-0-0

123/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и членовите 70 и 79 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 5 април 1995 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА членот 25 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.10/79, 17/79, 27/80, 18/89 и 21/91) во деловите што гласат
2. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување уставноста на членот 20 и членот 25 освен деловите означени во точката 1 од оваа одлука.
3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
4. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на претпријатието за инженеринг “КУБУС” од Скопје, со решение У.бр.123/94 од 1 февруари 1995 година поведе постапка за оценување уставноста на одредбите од законот означени во точките 1 и 2 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со членот 30 став 3 од Уставот.
5. На седницата Судот утврди дека според член 20 од Законот, лицата на кои им е признато предимствено право и лицата на кои им е доделено градежно неизградено земјиште, правото на градба на тоа земјиште не можат да го пренесуваат со правна работа на други лица заради заедничка изградба, освен на лицата од член 19 став 1 на овој закон. Договорот склучен спротивно на одредбите од став 1 на овој член не произведува правно дејство.
Согласно член 25 од Законот, лицето на коему е доделено градежно земјиште, како и лицето кое ќе оствари предимствено право на користење на градежно земјиште заради изградба на семејна станбена зграда, не може со правна работа да отуѓи недовршена станбена зграда како ни довршена станбена зграда во рок од 5 години од денот на издавањето на одобрението за употреба на зградата, освен на лицата од член 19 на овој закон. По исклучок од став 1 на овој член, недовршена и довршена станбена зграда може да се отуѓи пред истекот на рокот од 5 години ако продажбата се врши поради селидба надвор од подрачјето на општината, а во градовите со повеќе општини, надвор од подрачјето на градот, тешка болест, смрт на сопственикот или смрт на член на неговото семејно домаќинство. Договорот склучен спротивно на одредбите од став 1 на овој член не произведува правно дејство.
6. Со воведувањето на институтот национализација односно поопштествување на градежното земјиште беа регулирани и правата врз национализираното односно поопштествено градежно земјиште. Со национализацијата односно поопштествувањето на градежното земјиште, поранешните сопственици не беа автоматски лишени од сите права врз таквото земјиште. Така, поранешниот сопственик, по сила на закон, се лишува од правото на сопственост врз тоа земјиште, меѓутоа, има право на користење на градежното земјиште и предимствено право на градење на градежното земјиште.
Со други зборови, поранешниот сопственик на земјиштето, со национализацијата бил лишен од правото на сопственост односно правото на располагање со земјиштето, но го задржувал правото да го користи земјиштето за своја намена се до денот на депоседирање заради пристапување кон планирана изградба на земјиштето. Ако, пак, на национализираното градежно земјиште според урбанистичкиот план се предвидува изградба на семејна станбена зграда таквото земјиште не може да биде одземено од владение на поранешниот сопственик туку по негово барање ќе му се признае право на изградба на станбена зграда. На ова градежно неизградено земјиште може да му биде доделено право на градба и на друго лице под услови определени со закон.
Согласно член 30 став 3 од Уставот, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Со член 55 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а Републиката се обврзува да обезбеди еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и да презема мерки против монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот може да се ограничи со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природната и животната средина или здравјето на луѓето.
Според член 56 од Уставот, земјиштето како природно богатство претставува добро од општ интерес за Репубоиката и ужива посебна заштита.
Од изнесеното произлегува дека Уставот ја гарантира сопственоста и нејзината заштита, а во тие рамки и сопственоста на градежното земјиште и не дозволува сопственоста и правата кои произлегуваат од неа да бидат одземени или ограничени, освен кога се работи за јавен интерес што се утврдува со закон. Исто така, од изнесеното произлегува дека со Уставот се гарантира слободата на пазарот, а во тие рамки и на прометот на земјиштето и на објектите изградени на него, која може да се ограничи со закон само заради со Уставот определени цели.
Оттука, Судот оцени дека законското ограничување според кое не може со правна работа да се отуѓи довршена станбена зграда во рок од 5 години од денот на издавањето на одобрението за употреба на зградата, не е во согласност со Уставот, затоа што лицето се стекнува со сопственост на довршена станбена зграда по основа на градба, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
Понатаму, Судот оцени дека Законот за градежното земјиште (член 5 од измените од 1991 година) изразува становиште дека градежното земјиште е на Републиката. Тоа значи дека на оспорените одредби од Законот не може да се приоѓа како на одредби со кои се ограничува правото на сопственост на поранешните сопственици, бидејќи таа сопственост и не постои, а уште помалку на лицата на кои им е доделено градежно неизградено земјиште за градба на станбена зграда. Ова уште повеќе кога се имаат предвид другите одредби од Законот за градежното земјиште од кои е очигледно дека правото на сопственост поранешните сопственици го загубиле со донесувањето на Законот за национализација на наемни згради и градежното земјиште и со други прописи, така да не може да се постави прашањето за ограничување на правото на сопственост во смисла на член 30 од Уставот, проади што Судот одлучи како во точката 2 од оваа одлука.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.
8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.123/94)

Leave a Reply