100/1995-0-0

100/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 март 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА барањето за автентично толкување на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.151/93, донесена на седницата одржана на 1 февруари 1995 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Сложената организација на здружен труд “Водостопанство” на СРМ о.сол.о-Скопје, му поднесе барање за автентично толкување на Одлуката означена во точката 1 од ова решение. Според наводите во барањето со Законот за водите било уредено целокупното организирање, постоење и работење на водостопанството како стопанска гранка од посебен општествен интерес, остварување на долгорочните, среднорочните и годишните планови за режимот на водите, а за работите од општ интерес било предвидено да се плаќаат придонеси за унапредување на водостопанството, употребена или искористена вода, за испуштање загадена вода и придонес за користење на песок, чакал и камен. Меќутоа, диспозитивот на Одлуката на Уставниот суд во кој биле наброени членовите што се укинуваат или делу мно што се укинуваат, не бил јасно дефиниран во смисла кои делови се укинувале, а кои останувале во сила. Како не би дошло до несакани последици во работењето на водостопанските организации и неуплатување на придонесите од страна на обврзниците, се бара автентично толкување на Одлуката на Судот.
3. Судот на седницата утврди дека со Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.151/93 од 1 февруари 1995 година се укинати членовите 1, 5, 9, 41, 53, 71, 72, 77, 78, 82, 91, 93, 102, 103, 105, 106, 107, 108, 113, 131, 134, 135, 140, 150, 151, 152, 154 и членовите 164 до 176 од Законот за водите (“Службен весник на СРМ” бр.6/81, 13/82, 37/87, 51/88, 20/90, 23/90, 24/91 и “Службен весник на Република Македонија” бр.83/92″), во делот што се однесуваат на основањето, надлежностите и функционирањето на самоуправните интересни заедници за водостопанство.
При тоа, Судот утврди дека од Одлуката на Уставниот суд недвосмислено произлегува дека со отстранување од правниот поредок на одредбите од Законот за водите самоуправните интересни заедници за водостопанство повеќе не постојат, па во таа смисла не можат да ја утврдуваат висината за одделни придонеси и да вршат други работи што им беа доверени со Законот, поради што оцени дека во одлуката на јасен и прецизен начин се наведени одредбите што се укинуваат и со оглед на тоа работите што не можат да ги вршат самоуправните интересни заедници за водостопанство.
Судот, исто така, оцени дека не е во негов делокруг да дава мислење за разрешување на правните празнини што ќе настанат со отстранување на прописите од правниот поредок со одлуките на Уставниот суд на Република Македонија.
4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, Д-р Никола Крлески, Олга Лазова, Д-р Стојмен Михајловски, Д-р Милан Недков, Бесим Селими, Д-р Јосиф Талевски и Д-р Тодор Џунов. У.бр.100/95