44/1993-0-0

44/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 февруари 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постака за оценување законитоста на
а) Одлуката за определување на градежно земјиште на подрачјето на Титов Велес, донесна од Собрнаието на општина Титов Велес на 10 февруари 1987 година (“Службен гласник на општина Титов Велес” бр.2/87),
б) Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за определување на градежно земјиште на Титов Велес, донесена од Собранието на општина Титов Велес на 30 септември 1988 година (“Службен гласник на општина Титов Велес” бр.6/88),
в) Одлуката за донесување на основен урбанистички план на Титов Велес, донесена од Собранието на општина титов Велес на 24 мај 1983 година (“Службен гласник на општина Титов Велес” бр.7/83) и на
г) Одлуката за определување зони за уредување на градежно земјиште во општина Титов Велес, донесена од Собранието на општина Титов Велес на 24 септември 1984 година (“Службен гласник на општина Титов Велес” бр.9/84);
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на:
а) Одлуката за определување границите на ненационализираното земјиште предвидено за станбена изградба, изградба на објекти од стопански карактер, туризам и рекреација, донесена од Собранието на општина Титов Велес на 12 февруари 1973 година (“Службен гласник на општина Титов Велес” бр.2/73) и на
б) Одлуката за проширување на границите на градежното земјиште на Титов Велес, донесена од Собранието на општина Титов Велес на 3 март 1982 година (“Службен гласник на општина Титов Велес” бр.6/82).
3. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од група граѓани од Титов Велес, за поведување постапка за оценување законитоста на одлуките означени во точките 1 и 2 од ова решение, затоа што во постапката при донесувањето на одлуките не била обезбедена претходна согласност од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и што биле донесени без претходно да бил донесен детален урбанистички план и без да се утврди дали општината може да го изгради опфатеното земјиште во период од 10 години, поради што означените одлуки не биле во согласност со член 2 од Законот за привремена забрана на користење на земјоделското земјиште за неземјоделски намени (“Службен весник на СРМ” бр.23/83( и со член 11 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79). Понатаму, одлуките се оспоруваат и од аспект на целисходноста од нивното донесување со оглед на тоа што поминало подолго време од нивното донесување, а не се преземени никакви активности за реализација на одлуките, и од аспект на примената на член 11 од Законот за градежното земјиште во смисла што земјиштето определено за градежно морало да се изгради во рок од 10 години од определувањето за градежно.
4. На седницата Судот утврди дека со одлуката означена под 1-а) од ова решение се определува кое земјиште на подрачјето на Титов Велес е градежно и дека станува општествена сопственост, при што се утврдува границата на опфатот на тоа земјиште. Со одлуката, пак, означена под 1-б) од ова решение се врши измена и дополнување на претходната одлука во правец на намалување на земјиштето што е опфатено како градежно земјиште. Понатаму, Судот утврди дека по Одлуката од 10 февруари 1987 година била обезбедена претходна согласност од Републичкиот комитет за земјоделство, шумарство и водостопанство, бр.10-28/27, од 16 јануари 1987 година.
Исто така, Судот утврди дека со одлуката означена под 1-в) од ова решение се донесува Основниот урбанистички план на Титов Велес и дека со одлуката означена под 1-г) од ова решение, која е дел од Програмата за уредување на градежното земјиште, се определуваат три зони за уредување на градежното земјиште на подрачјето на општина Титов Велес и границите помеѓу нив.
5. Според член 2 став 3 од Законот за привремена забрана на користењето на земјоделското земјиште за неземјоделски намени (“Службен весник на СРМ” бр.23/83 и 25/84) земјоделско земјиште може да се користи за изградба на градежни објекти по претходна согласност на Републичкиот комитет за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Меѓутоа, со член 65 од Законот за заштита и користење на земјоделското земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.7/86, 15/88 и 15/90 и “Службен весник на Република Македонија” бр.28/91, 36/91, 83/92 и 62/93) означениот закон престанал да важи, при што со член 14 од овој закон се пропишува дека одлуката за определување на градежното земјиште се донесува по претходна согласност на Републичкиот комитет за земјоделство, шумарство и водостопанство. Означената законска одредба е систематизирана во делот што се однесува на заштитата на земјоделското земјиште, што значи дека согласноста а наведениот републички орган на управата е во функција на заштита на земјоделското земјиште.
Со оглед на тоа што по одлуката означена под 1-а од ова решение била обезбедена претходна согласност од надлежниот републички орган на управата, како и што, според мислењето на Судот, согласноста се однесува и на одлуката означена под 1-б) од ова решение бидејќи го опфаќа и земјиштето определено со оваа одлука како градежно, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на овие одлуки со означените законски одредби.
6. Што се однесува до прашањето за согласноста на одлуките означени под 1-в) и 1-г) од ова решение со наведените законски одредби, Судот утврди дека не може да се постави тоа прашање со оглед на тоа што со нив не се уредува иста материја.
7. Во однос, пак, на прашањето за согласноста на сите означени одлуки со член 11 од Законот за градежното земјиште, во смисла дали донесувањето на одлуките без претходно донесување на детален урбанистички план и без да се утврди дали опфатеното земјиште може да се изгради во период од 10 години е во согласност со наведената законска одредба, Судот утврди дека членот 11 од Законот престанал да важи со член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градежното земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.21/91), поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одлуки со означената законска одредба.
8. На седницата Судот, исто така, утврди дека со одлуката означена под 2-а) од ова решение се определува граница на земјиштето кое е опфатено заради правилна станбена изградба и изградба на објекти за туризам и рекреација на подрачјето на Титов Велес, со тоа што Одлуката, според нејзиниот член 2, важела најкасно до 30 јуни 1973 година, и дека одлуката означена под 2-б) од ова решение, исто така, ја определува границата на земјиштето опфатено заради изградба, со тоа што таа важела, според член 3 од одлуката означена под 1-а) од ова решение, до 10 февруари 1987 година.
Со оглед на тоа што означените две одлуки престанале да важат пред да се поведе постапка за оценување на нивната законитост, Судот утврди дека нема процвесни претпоставки за водење на постапката по нив, поради што, согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот, одлучи како во точкат 2 од ова решение.
9. Во врска со наводите во иницијативата за нецелисходноста од донесувањето на одлуките означени во точките 1 и 2 од ова решение и за погрешната примена на член 11 од Законот за градежното земјиште при донесувањето на оспорените одлуки, Судот утврди дека, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучува по тие прашања.
10. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
11. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.44/93, У.бр.339/93, У.бр.42/95, У.бр.43/95, У.бр.44/95 и У.бр.45/95).

Leave a Reply