132/1994-0-0

132/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 февруари 1995 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВААТ Одлуката за висината на надоместокот за салдирање на штедни книшки и Одлуката за салдирање на орочени штедни книшки, донесени од Управниот одбор на Поштенската штедилница во Скопје на 28 февруари 1994 година.
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во Поштенската штедилница на начин предвиден за објавување на општите акти.
3. Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.132/94 од 14 декември 1994 година поведе постапка за оценување законитоста на актите означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со закон.
4. На седницата Судот утврди дека во Одлуката за висината на надоместокот за салдирање на штедни книшки е предвидено дека надоместокот за салдирање на штедни книшки изнесува 200,00 денари, а според Одлуката за салдирање на орочени штедни книшки, орочените штедни книшки на 1,3,6,12,24 и 36 месеци на кои имотот изнесува до 200,00 денари да се салдираат.
5. Согласно член 17 став 1 од Законот за облигационите односи (“Службен лист на СФРЈ” бр.29/78, 39/85, 45/89 и 57/89), кој согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот се применува како републички пропис, учесниците во облигациониот однос се должни да ги исполнат своите обврски и одговорни се за нивното исполнување, а според став 2 на овој член, обврската може да згасне само во согласност и волја на учесниците во облигациониот однос или врз основа на закон.
Согласно член 1043 од Законот за облигационите односи ако паричниот депозит е примен како влог за штедење банката, односно штедно-кредитната организација му издава на депонентот штедна книшка која се издава само на одредено лице, или на доносител. Согласно членовите 1044 и 1045 од Законот во штедната книшка се внесуваат сите парични уплати и исплати, а записите во штедната книшка се потврдуваат со печат и со потпис на овластеното лице и се доказ за сите уплати и исплати на штедачот. На вложените средства се плаќа камата.
Исто така, и според член 41 од Законот за банките и штедилниците (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/93) за денарските депозити на физичките лица банката издава посебен документ – штедна книшка, а согласно член 42 од овој закон, со актите на деловната политика банката ги утврдува начинот и условите за прием и повлекување на штедни влогови во домашна валута и девизни штедни влогови.
Од наведените законски одредби произлегува дека односите поврзани со отворањето на штедна книшка имаат карактер на облигационен однос и дека е предмет на писмен договор помеѓу банката и нејзиниот клиент. Притоа, иако банките и штедилниците имаат право со своите акти на деловната политика да ги утврдуваат начинот и условите за прием и повлекување на штедните влогови не произлегува право за овие организации еднострано да ги поништуваат штедните влогови.
Ова од причини што облигациониот однос е настанат односно договор е склучен во моментот на депонирањето на определен паричен износ и со отворањето на штедната книшка, па најнискиот износ што треба да биде депониран како услов за отворање на штедна книшка бил познат за двете договорни страни. Секое подоцнежно утврдување на друг износ од страна на банките и штедилниците што треба да го депонира имателот на штедна книшка не може да биде услов за еднострано раскинување на договорот ниту, пак, за поништување на штедните книшки. Според мислењето на Судот, договорот може да се раскине со израз на воља на двете договорни страни, како и со враќање на депонираниот износ на штедачот и плаќање на каматите што му следуваат на тој износ.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека оспорените одлуки не се во согласност со означените законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
5. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.132/94 и У.бр.57/95).

Leave a Reply