215/1993-0-0

215/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 12 и член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 февруари 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на членовите 51, 79, 80, 81, 86 и 87 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Љубомир Бачваров од Свети Николе и Теофил Томановиќ од Скопје му поднесоа иницијативи со барање да покрене постапка за оценување уставноста на деловникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што уредувал прашања кои според својата природа и значење требало да бидат уредени со закон, што не било согласно со Уставот на Република Македонија.
3. На седницата Судот утврди дека со оспорените одредби од Деловникот се уредуваат прашања во врска со роковите во кои граѓаните можеле да побараат заштита на своите права пред Судот и правното дејство на одлуките на Уставниот суд.
4. Согласно член 13 од Деловникот, подносителот на иницијативата и донесувачот на оспорениот акт се учесници во постапката пред Уставниот суд.
Во член 28 алинеја 3 од овој деловник е предвидено дека Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување.
Од наведените одредби од Деловникот произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија, како доносител на оспорениот акт, врз основа на член 113 од Уставот, во постапката пред Судот, едновремено треба да се јави и како учесник во постапката и како суд кој ја оценува уставноста на актот што самиот го донел, поради што оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.215/93).

Leave a Reply