72/1994-0-0

72/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 25 јануари 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за утврдување надоместок за употреба на градежно земјиште на подрачјето на град Скопје, донесена од Собранието на град Скопје на 8 октомври 1990 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Петар Поповиќ од Скопје му поднесе иницијатива за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се воведувал надоместок за употреба на градежно земјиште, а Собранието на градот немало такво овластување што не било во согласност со Уставот и закон.
3. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука се определуваат непосредните корисници на градежното земјиште кои плаќаат надоместок, користењето на средствата од надоместокот и начинот на плаќањето.
Согласно член 4 од Одлуката, надоместокот за употреба на градежно земјиште се плаќа по единица површина посебно за градежното земјиште и за изграден корисен простор. Според системот на станбената изграденост како корисен станбен простор во смисла на оваа одлука се сметаат подруми, степенишен простор, гаражи и друго.
Во член 6 од Одлуката, е предвидено дека надоместокот за употреба на уредено градежно земјиште се утврдува зависно од погодностите што определено земјиште му ги дава на корисникот (положбата на земјиштето во населба или населено место, сообраќајна поврзаност со центарот, снабденоста со комунални објекти и инсталации, рационалноста на користење и други околности од значење за користење на тоа земјиште). Според погодностите утврдени во став 1 на овој член од Одлуката, подрачјето на град Скопје се дели на девет зони.
Во член 7 од Одлуката е предвидено дека висината на надоместокот ја утврдува Собранието на градот.
4. Според член 44 став 1 од Законот за градежно земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79, 38/80, 18/89 и 21/91) собранието на општината може да утврди надоместок за употреба на градежно земјиште според обемот и степенот на опременоста со комунални објекти и инсталации. Надоместокот за употреба на урденото градежно земјиште посебно за градежно земјиште и посебно за изграден корисен простор.
Согласно член 48 од означениот закон, надоместокот за употреба на градежно земјиште се утврдува зависно од погодностите што определено земјиште му ги дава на корисникот. Врз оваа одредба е заснован членот 6 од оспорената одлука.
Според член 47 од Законот, собранието на општината има право да врши целосно или делумно ослободување од плаќање на овој надоместок, посебно за организации од општествените дејности, хуманитарни и други организации.
Од изнесеното произлегува дека собранието на општината односно собранието на град Скопје според тие прописи има право да одлучи дали ќе воведе надоместок за употреба на градежно земјиште и дали ќе предвиди ослободување на одделни субјекти од плаќање на овој надоместок. При утврдувањето на висината на овој надоместок, општината мора да поаѓа од погодностите што земјиштето му ги дава на корисникот. Исто така, висината на надоместокот треба да биде различна во зависност од тоа дали тој надоместок се однесува на корисен станбен, деловен и друг јавен корисен простор или на градежното земјиште што е под објектот и што служи за редовна употреба на објектот (дворно место, паркинг и сл.). Понатаму, од Законот произлегува дека висината на надоместокот зависи и од погодностите што одредено земјиште ги дава и тоа во зависност од положбата на земјиштето во однос на основните содржини кои служат за задоволување на општите и заедничките потреби на граѓаните, опременоста на градежното земјиште со комунални објекти за заедничка употреба (јавен водовод, канализација, топлификација и сл.).
Со оглед на тоа што право е на собранието на општината односно градот да воведе надоместок за употреба на уредено земјиште, да ја утврди неговата висина и роковите за исплата на тој надоместок, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со означените законски одредби.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.72/94).

Leave a Reply