144/1994-0-0

144/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 25 јануари 1995 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 69 од Статутот на Општинското здружение на пензионерите и трудовите инвалиди “Гази Баба” во Скопје, донесен на 30 декември 1991 година.
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службенвесник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по поднесена иницијатива од Димче Маџароски од Скопје поведе постапка за оценување уставноста на член 69 од Статутот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.
4. На седницата Судот утврди дека во член 69 е предвидено дека избраните претседател, потпретседател и секретар чии мандати според досегашниот статут се определени на две години, мандатите им се продолжуваат на четири години, сметано од денот на конституирањето.
Во член 30 став 5 од Статутот е предвидено дека мандатот на претседателот, потпретседателот и секретарот трае четири години и се совпаѓа со мандатот на членовите на Собранието.
5. Според член 22 од Уставот на Република Македонија секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право.
Избирачкото право е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање.
Од изнесената уставна одредба произлегува дека избирачкото право е општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање, па оттаму мандатот произлегува од фактот што соодветниот субјект е избран на пропишан начин и постапка.
Со оглед на тоа што во конкретниот случај со Статутот на Здружението е предложен мандатот на претседателот, потпретседателот и секретарот на здружението без да тие бидат повторно избрани на таа функција, Судот смета дека на тој начин се повредува избирачкото право утврдено со Уставот, поради што со Статутот не може да се продолжи мандатот без тој да произлегува од непосредно извршениот избор.
Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков,Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.144/94)

Leave a Reply