205/1994-0-0

205/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 јануари 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 19 став 1 и член 33 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Лазо Арсов од Неготино му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со нив пензиската основа за утврдување на старосната пензија, како и мерилата за утврдување на висината на старосната пензија, биле спротивни на принципот на еднаквост, со тоа што новите пензионери ги доведувала во нерамноправна и понеповолна положба во однос на тие што се пензионирале според поранешниот Закон за пензиско и инвалидско осигурување, што било во несогласност со Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека според член 19 став 1 од Законот, старосната пензија се утврдува од месечниот просек на платите што осигуреникот ги остварил за време на вкупното траење на осигурувањето, а најрано од 1 јануари 1970 година (пензиска основа).
Според член 33 став 1 од Законот, старосната пензија се утврдува од пензиската основа во проценти определени зависно од должината на пензискиот стаж. Притоа, во одредбата се утврдува и износот на процентите.
Со ставот 2 на овој член на Законот, се утврдува дека старосната пензија не може да изнесува повеќе од 80% од пензиската основица.
4. Според член 8 став 1 алинеја 7 од Уставот, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, се една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Со членот 9 од Уставот е утврдено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а според ставот 2 на овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 34 од Уставот граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, а според член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјалната правичност.
Од наведените уставни одредби, според мислењето на Судот, јавно произлегува дека Уставот го прокламира и утврдува општиот принцип на правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување кое е препуштено на уредување со закон и колективен договор. Исто така, Уставот ја прокламира грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните, која се остварува врз основа на начелото на социјална правичност. Според тоа, прокламацијата на тие уставни принципи произлегува од социјалниот карактер на државата, а видовите на правата што се стекнуваат со социјалното осигурување, нивната висина, начин на стекнување и користење се резервирани за законодавната власт, која има широк простор за уредување на сите релевантни односи кои се од значење за остварување на социјалната сигурност на граѓаните.
Понатаму, пензиската основа, а со тоа и мерилата за висината на старосната пензија, утврдени со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, според мислењето на Судот, се однесуваат на сите осигуреници подеднакво и на тој начин не се повредува уставниот принцип на еднаквост на граѓаните. Тоа, што пак, осигурениците не остваруваат еднакви права, туку обемот на нивните права, односно старосната пензија зависи од должината на пензискиот стаж и од месечниот просек на платите што осигуреникот ги остварил за време на вкупното траење на осигурувањето, а најрано од 1 јануари 1970 година, исто така, не значи повреда на тој уставен принцип.
Дали, притоа, новите пензионери се доведуваат или не, во нерамноправна и понеповолна положба во однос на тие што се пензионирале според поранешно важечкиот закон, Судот смета дека е фактичко и ирелевантно прашање од уставно-правен аспект, бидејќи се работи за нов закон, кој согласно Уставот, воспоставува релативно нови основи и правила во областа на пензиското и инвалидското осигурување, кои еднакво се однесуваат за тие граѓани како осигуреници. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби на член 19 став 1 и член 33 од Законот со одредбите на членовите 9, 34 и 35 од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.205/94).

Leave a Reply