107/1994-0-0

107/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 декември 1994 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за утврдување на општ интерес и определување на локацијата за изградба на индивидуални станбени објекти во село Селце, донесена од Собранието на Општината Тетово на 22 февруари 1994 година.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива на Претпријатието за стопанисување со шуми “Лешница” во Тетово, со Решение У.бр.1107/94 од 16 ноември 1994 година, поведе постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање.

4. На седницата Судот утврди дека оспорената одлука е донесена врз основа на член 16 од Законот за експропријација и член 54 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање. Со одлуката се утврдува општ интерес и се определува локација за изградба на индивидуални станбени објекти во село Селце на КП. 2144 на местото викано “Лас” во КО Селце која има 18.068 м2.

5. Според член 54 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85, 18/89 и 38/90) за населените места и надвор од нив за кои не е донесен просторен или урбанистички план или донесениот план не содржи елементи за утврдување услови за градба, локација за изградба на јавни, општествени односно стопански објекти може да се издаде врз основа на посебен акт на Владата на Република Македонија, односно општ акт на собранието на општината за објекти од општинско значење.

Општиот акт од став 1 на овој член се донесува по претходно издадена согласност од републички орган на управата надлежен за работите на урбанизмот и земјоделството.

Од изнесената законска одредба произлегува дека собранието на општината за местата за кои не е донесен просторен или урбанистички план може да донесува општ акт со кој се утврдуваат условите за издавање на локација за изградба на јавни, општествени односно стопански објекти од општинско значење, на кој акт е потребно да биде дадена претходна согласност од надлежниот орган.

6. Со оглед на тоа што во конкретниов случај врз основа на член 16 од Законот за експропријација чија одредба е укината и врз основа на член 54 од Законот за просторното и урбанистичко планирање е издадена локација за изградба на индивидуални објекти, кои објекти не можат да се подведат под категоријата јавни општествени односно стопански објекти, и со оглед на тоа што на оспорената одлука не е дадена претходна согласност од републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот и земјоделството, Судот утврди дека оспорената одлука не е во согласност со законот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

Leave a Reply