136/1994-0-0

136/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 1 од Деловниккот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 декември 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за

а) оценување уставноста на член 108 став 1 точка 5 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93) и за

б) оценување уставноста и законитоста на член 67 од Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.39/94).

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива од д-р Андон Манчевски од Скопје за поведување постапка за оценување уставноста на член 108 став 1 точка 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение и уставноста и законитоста на член 67 од актот означен во точката 2 од ова решение. Според наводите во иницијативата, оспорената одредба од Законот според која работниот однос по сила на закон престанувал со 65 години живот, граѓаните-мажи со високо образование ги става во нерамноправна положба со другите граѓани, што не било во согласност со Уставот на Република Македонија, затоа што со навршувањето на 65 години живот во својот работен век не можеле да наполнат 40 години пензиски стаж како услов за стекнување на полна старосна пензија.

Оспорената одредба од означениот колективен договор не била во согласност со Уставот и закон, затоа што ги ставала во нерамноправна и понижувачка положба граѓаните со висока стручна подготовка, со тоа што предвидувала како услов работникот да остане во работен однос, работодавецот потребата од работник јавно да ја огласува секој шест месеци.

4. Според член 108 став 1 точка 5 од Законот за работните односи работниот однос по сила на закон престанува, меѓу другото, и ако работникот наполни 40 години пензиски стаж или 65 години живот и најмалку 15 години стаж на осигурување, ако работодавецот, во согласност со условите утврдени со закон и општ колективен договор не одлучи работникот да остане во работен однос.

Според член 67 од означениот колективен договор, работодавецот може да одлучи работникот кој наполнил 40 години стаж на осигурување или 65 години живот да остане во работен однос под услов ако со огласувањето на потребата од работник, односно конкурс не може да се обезбеди работник кој ги исполнува потребните услови.

Во случај од став 1 на овој член, работодавецот е должен потребата од работник, јавно да ја огласува секој 6 месеци, а според ставот 3 од овој член, на работникот од став 1 на овој член му престанува работниот однос ако на распишаниот јавен оглас се јави кандидат кој ги исполнува условите за работа на тоа работно место, како и ако работодавецот не распише јавен оглас според став 2 на овој член.

5. Според член 9 од Уставот на Република Македонија граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а според ставот 2 на овој член граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со членот 32 од Уставот е предвидено секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјалната обезбеденост за време на привремена невработеност. Според ставот 2 на овој член секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место, а според ставот 5, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се утврдува со закон и колективен договор.

Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и колективен договор, а според член 35 став 1, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Од наведените уставни одредби произлегува дека Уставот не го определува остварувањето и обемот на правата од работен однос и од социјалното осигурување, туку создава обврска за нивно законско регулирање.

Според мислењето на Судот, уставното начело на еднаквост го обврзува законодавецот при уредувањето на условите за остварување на определени права да не ги дискриминира граѓаните, односно тие услови да важат еднакво за сите граѓани. Меѓутоа, ова начело не може да биде пречка законодавецот на единствен начин да го уреди престанокот на работниот однос по сила на закон, односно не значи обврска условите за престанокот на работниот однос да ги определува зависно од условите за стекнување право на полна пензија. Пензиското и инвалидското осигурување е посебно право кое, исто така, се остварува под услови утврдени со закон и го штити граѓанинот од неизвесност и економска несигурност во услови на старост и губење на работната способност. Исто така, според мислењето на Судот, уставното начело на еднаквоста не го ограничува Законот за пензиското и инвалидското осигурување да определи различни услови за остварување на правото на пензија, меѓу кои и условите за стекнување право на полна пензија. Поради тоа, Судот смета дека околноста што на работникот му престанува работниот однос пред навршување на 40 години стаж како услов за полна пензија, сама по себе, не значи повреда на уставниот принцип на еднаквоста и оцени дека нема основ за поставување на прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот за работните односи со ова уставно начело.

6. Оспорената одредба од означениот колективен договор ги уредува условите под кои работодавецот може да одлучи работникот кој наполнил 40 години пензиски стаж или 65 години живот да остане во работен однос. Притоа, не утврдува услови кога на работникот може да му престане работниот однос по сила на закон, затоа што тоа е уредено со законот.

Со оглед на тоа што со оспорената одредба од Колективниот договор во смисла на Законот се утврдуваат само условите под кои може работодавецот да му го продолжи работниот однос на работникот, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со член 32 став 5 од Уставот и со член 108 став 1 точка 5 од Законот за работните односи.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

Leave a Reply