161/1994-0-0

161/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 11 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 25 октомври 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување усавноста на членовите 44, 45, 46, 47 и 48 од Законот за градежно земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.10/89, 17/79, 37/80, 18/89 и 21/91) и на Одлуката за надоместок за користење на градско земјиште за изградба на станбени згради и деловен простор и изведба на времени објекти, донесена од Собранието на Општина Битола (“Службен гласник на Општина Битола” бр.6/87, 15/89, 4/92 и 4/94).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Васил Пупчевски и други граѓани од Битола му поднесоа иницијативи со барање за оценување уставноста на актите означени во точката 1 од ова решение. Во иницијативите не се наведува со кои уставни одредби не се во согласност наведените законски одредби и наведената одлука, туку аргументацијата за нивната неуставност се темели на тврдењето дека плаќањето на наведениот надоместок било паралелно со плаќањето данок на имот за истите недвижности и дека со неусогласувањето на Законот за градежното земјиште и на врз негова основа донесените одлуки на општинските собранија, со законите кои се однесуваат на сферата на даноците се повредувале уставните права на граѓаните.

3. На седницата Судот утврди дека според член 9 од Законот за градежно земјиште градежното земјиште е на Републиката.

Согласно член 42 од Законот, при издавањето на дозволата за градба се плаќа надоместок за уредување на градежното земјиште, сразмерно на вкупните трошоци за уредување, а според членовите 44, 45 и 48 собранието на општината може да утврди надоместок за употреба на градежното земјиште според единица површина, посебно за градежното земјиште и посебно за изграден користен простор, кој се утврдува зависно од погодностите што определено земјиште му ги пружа на корисникот (положба, инсталации и друго). Според член 46 од Законот, средствата од надоместокот за употреба на градежното земјиште се користат за намени утврдени со програмата за уредување на градежното земјиште. Со членот 47 се утврдени случаите во кои не се плаќа надоместок за употреба на градежното земјиште (згради за потребите на народната одбрана, згради наменети за дипломатски и конзуларни потреби и сл.).

Со одлуката за утврдување надоместок за употреба на градежно земјиште се утврдени висината на надоместокот, начинот на пресметуање и роковите за плаќање.

4. Според член 56 од Уставот сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет добрата во општа употреба како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон, се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита. Според ставот 3 на оваа уставна одредба, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.

Од наведените уставни одредби произлегува дека со закон може да се утврди дека градежното земјиште е добро од општ интерес за Републиката и да се утврдуваат условите и начинот на користењето на градежното земјиште. Во тие рамки, според мислењето на Судот, може да се утврди обврска за плаќање надоместоци за уредување и употреба на градежното земјиште заради оспособување на градежното земјиште за градба односно заради погодностите што на корисникот му ги пружа изграденото градежно земјиште, независно од околноста што со други закони е можно да се пропише и обврска за плаќање данок на имот за зградите што се наоѓаат на тоа земјиште.

Од наведените уставни и законски одредби, исто така, произлегува дека има основа собранието на општината со своја одлука да ја утврди висината и начинот на плаќање на надоместоците за употреба и за уредување на градежното земјиште.

Од тие причини Судот оцени дека нема основа за поставување на прашањето за уставноста на оспорените законски одредби односно на прашањето за уставноста и законитоста на оспорената одлука, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

Leave a Reply