135/1994-0-0

135/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 октомври 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за објавување избор на судии на Врховниот суд на Република Македонија, донесена од Собранието на Република Македонија на 26 јули 1994 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.41/94).

2. На Уставниот суд на Република Македонија Тодор Петров од Гевгелија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите од иницијативата Одлуката не била во согласност со Уставот затоа што не можело да се избираат судии без претходно да биде донесен закон за судовите. Одлуката не била во согласност ниту со постојниот закон за редовните судови, затоа што тој не предвидувал претходно објавување на изборот на судиите на Врховниот суд. Со иницијативата се бара Уставниот суд на Република Македонија да донесе решение за привремени мерки со кои ќе го запре извршувањето на оспорената одлука.

3. На седницата Судот утврди дека според точката 1 од Одлуката Собранието на Република Македонија објавува дека ќе врши избор на претседател и 19 судии на Врховниот суд на Република Македонија. Со точката 2 се повикуват заинтересираните кандидати, кои ги исполнуваат условите предвидени во член 74 став 2 од Законот за редовните судови (државјанин на Република Македонија, дипломиран правник кој се истакнал како правен стручњак), пријавите со потребните документи да ги достават до Републичкикот судски совет во рок од 15 дена од денот на објавуваањето на Одлуката во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Судот смета дека Одлуката за објавување избор на судии на Врховниот суд на Македонија претставува технички акт (соопштение) со кој се повикуваат заинтересираните лица да се јават за избор на судии на Врховниот суд. Понатаму, Судот смета дека Одлуката не ги утврдува ниту условите за избор на судии, ниту надлежностите за вршење на исборот, туку само се повикува на тие услови и надлежности утврдени во постојните закони (Законот за редовните судови и Законот за републичкиот судски совет). Затоа, нејзината функција е само техничка – да означи почеток на постапката за избор на судии според наведените закони, односно се исцрпува еднократно со почетокот на наведените дејствија.

Поради тоа, Судот оцени дека оспорената одлука не претставува општ акт во смисла на член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, и дека Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува за неговата уставност и законитост и одлучи да ја отфрли иницијативата.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

Leave a Reply