49/1994-0-0

49/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 септември 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 24 од делот на општите одредби на Правилникот за организација и систематизација на работите и работните задачи на Работната организација за основно образование на децата со лесна и умерена попреченост во психофизичкиот развој со ученички дом “25 Мај” с. Ново Село – Струмица и член 8 во делот Опис и попис на работните задачи, составен дел на Правилникот, донесен на 5 јуни 1993 година.

2. На Уставнот суд на Република Македонија Живка Аризанова од с.Ново Село во Струмица му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите од актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што во член 24 од Правилникот било предвидено тој да влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето, но дека тој не бил објавен, што не било во согласност со Уставот, што во член 8 од Правилникот за работните задачи на социјален работник била предвидена висока школска подготовка, а не виша, што не било во согласност со закон.

3. На седницата Судот утврди дека во член 24 од оспорениот Правилник е предвидено дека Правилникот влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето. Во член 8 од Правилникот се предвидени работите и работните задачи на социјален работник за чие извршување е предвидено високо образование.

4. Согласно член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, а според став 4 на овој член од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Со оглед на тоа што во член 24 од Правилникот е предвидено Правилникот да влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето, со што не му е дадено повратно дејство, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со означениот член од Уставот.

Дали, пак, за неговото објавување е постапено согласно член 24 од Правилникот е фактичко прашање за кое Судот, согласно член 110 од Уставот, не е надлежен да одлучува.

Според член 79 од Законот за социјална заштита (“Службен весник на СРМ” бр.9/86), стручните работи од областа на социјалната заштита ги извршуваат работници со висока стручна подготовка. Согласно член 127 став 1 од овој закон, социјалните работници со завршена виша школска подготовка кои на денот на влегувањето во сила на Законот имаат повеќе од 15 години работен стаж во областа на социјалната заштита, можат и понатаму да ги извршуваат стручните работи од областа на социјалната заштита, иако во однос на школската подготовка не ги исполнуваат условите пропишани со овој закон, а според став 2 на овој член социјалните работници со завршена виша школска подготовка кои на денот на влегувањето во сила на Законот не ги исполнуваат условите од став 1 на овој член, се должни во рок од 5 години од денот на влегувањето во сила на Законот да се здобијат со соодветно високо образование. Во спротивно го губат правото да вршат работи од областа на социјалната заштита.

Од изнесените одредби произлегува дека Законот го пропишал видот и степенот на школската подготовка за вршење на работите од областа на социјалната заштита како и рокот во кој социјалните работници со завршен несоодветен степен на школска подготовка треба да се здобијат со високо образование со што во спротивност го губат правото да вршат работи од областа на социјалната заштита.

Со оглед на тоа што со оспорената одредба од Правилникот за извршување на работните задачи од областа на социјалната заштита е предвидено високо образование, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот правилник со означените законски одредби.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

Leave a Reply