Одлука У.бр.27/1994

У.бр.27/1994

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 56 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 септември 1994 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето на Илија Илиевски, претседател на Партијата на човековите права од Струмица за заштита на правото на политичко здружување и дејствување.

2. Илија Илиевска од Струмица, со иницијатива поднесена до Уставниот суд на Република Македонија, побара заштита на правото на политичко здружување и дејствување. Според наводите во иницијативата, со пресудата на Окружниот суд во Штип П.бр.1/93 од 12 декември 1993 година, со која била забранета работата на Партијата на човековите права од Струмица, било повредено правото на граѓаните на политичко здружување и дејствување.

3. На седницата Судот утврди дека со оспорената пресуда се забранува работата на Партијата за човековите права на Македонија со седиште во Струмица, затоа што нејзината активност се користи за уривање на основите на општественото уредување утврдено со Уставот на Република Македонија, а согласно член 23 став 1 алинеја 1 од Законот за општествените организации и здруженија на граѓани. Во оразложението на пресудата е наведено дека увидот во доказите дава основи за оценката дека активноста на Партијата на човековите права на Македонија со седиште во Струмица се користи за уривање на основите на општественото уредување утврдено со Уставот на Република Македонија.

Во теккот на постапката Судот утврди дека Врховниот суд на Република Македонија, одлучувајќи по жалбата на Партијата за човекови права, го преправил диспозитивот на пресудата, во смисла дека се забранува работата на Партијата за човекови права, затоа што нејзината активност се користи за разгорување на национална омраза и нетрпеливост, согласно член 23 алинеја 5 од Законот за општествените организации и здруженија на граѓаните.

4. Со член 20 од Уставот на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања.

Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните и политичките партии не мочат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост.

Забранети се воени или полувоени здруженија што не им припаѓаат на вооружените сили на Република Македонија.

Со член 23 од Законот за општествени организации и здруженија на граѓани (“Службен весник на Република Македонија” бр.13/90), кој важеше во времето на донесувањето на наведената пресуда, е утврдено дека ќе се забрани работата на општествената организација, односно на здружението на граѓани ако нивната активност се користи за уривање на основите на општественото уредуваање утврдено со Уставот, загрозување на независноста на земјата, кршење на слободите и правата на човекот и граѓанинот загарантирани со Уставот, загрозување на мирот и рамноправната меѓународна соработка, разгорување на национална, расна или верска омраза и нетрпеливост, поттикнување кон вршење на кривични дела и навредување на јавниот морал. Секој може да даде иницијатива за забрана на работата на општествена организација односно на здружение на граѓани, ако основано се сомнева дека остваруваат активност од ставот 1 на овој член. Според член 4 од Законот за политичките партии (“Службен весник на Република Македонија” бр.41/94), (со чие влегување во сила престана да важи делот од Закониот за општествените организации и здруженија на граѓани кој се однесуваше на здружувањето заради остварување политички цели и интереси), програмата, статутот и дејствувањето на политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок, кон поттикнување или повикување на воена агресија и кон разгоруање на национална, верска или расна омраза или нетрпеливост.

Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека слободата на политичкото здружување и дејствување не е апсолутна, туку се гарантира само во рамките на оние форми и содржини на нејзиното уживање со кои не се загрозуваат со Уставот и со законот утврдени вредности, како што се слободите и правата на другите луѓе, демократската форма на промена на уставниот поредок, мирољубивата коегзистенција со другите држави, како и националната, расната и верската толеранција и соживот. Во оваа смисла со наведената уставна одредба начелно се утврдени овие вредности како рамки кои не смета да бидат пречекорени во утрдување на програмските ориентации на политичките партии и на нивното практично дејствување, а со наведените законски одредби овие вредности се утврдени како заштитени добра чија повреда со политичкото дејствуваање повлекува со себе забрана на работата на политичкиот субјект што е носител на тоа дејствување.

Судот оценува дека за остварувањето на заштитата на слободата на политичкото здружување и дејствување релевантна е не само уставната гаранција на оваа слобода, туку и нејзините рамки. Според тоа, не се заштитува оваа слобода ако нејзиното користење излегува од уставните рамки односно акот ги загрозува наведените вредности.

Понатаму, Судот оценува дека со член 20 од Уставот е утврдена основа за забрана на работата на политичките партии што своето дејствување го насочуваат кон разгорување на национална, верска и расна омраза и нерпеливост, како начин на злоупотреба на уставната слобода на политичко организирање и дејствување, и дека во конкретниот случај со оспорената пресуда не се ограничува соодветната слобода на политичкото организирање и дејствување на членовите на наведената партија, туку се заштитува истата слобода за другите граѓани на Република Македонија

Од тие причини, Судот наоѓа дека во конкретниот случај оспорената пресуда има уставна основа и дека со неа не се извршени повреди на слободата на политичкото здружување и дејствување, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

5. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

Leave a Reply