Решение У.бр.105/1996

У.бр.105/1996

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 мај 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Мирко Трифуновски со кое бара заштита на слободи и права во однос на дискриминацијата на граѓаните при изборот на матичен лекар.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Мирко Трифуновски од Битола му поднесе барање за заштита на слободи и права во однос на дискриминацијата на граѓаните при изборот на матичен лекар, во кое се наведува дека пациентите осигуреници не можеле да ги остваруват своите права во оние ординации со кои Фондот за здравствено осигурување не склучил договор со кој ќе ги сноси трошоците на осигуреникот за обавување на стоматолошка заштита, со што пациентите биле во нерамноправна положба со други осигуреници кои ги остварувале своите права во оние ординации што тие ги избрале, а со кои фондот имал склучено договор. Понатаму се наведува дека друг пример на кршење на слободите и правата било несоодветната примена на членот 124 од Законот за здравствена заштита, поради тоа што сите стоматолошки ординации немале можност за обавување на дејноста со осигуреници – корисници на сини картони. Сето тоа, сопствениците на ординациите со кои фондот немал склучено договор како и нивните пациенти ги правело граѓани од втор ред.

3. Согласно член 110 став 1 алинеа 3 од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Со оглед на тоа што во конкретниот случај не се бара заштита на слободи и права повредени со поединечен акт или дејство на државен орган кој одлучувал за одредено право во смисла на член 51 од Деловникот на Судот, како и со оглед на тоа што не се бара заштита на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување ниту пак заштита од дискриминација по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност, Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки за постапување на Судот односно дека Судот не е надлежен да одлучува по барањето.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.105/96)

Leave a Reply