20/1994-0-0

20/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 април 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 4 од Законот за начинот и постапката на усогласувањето на работењето на претпријатијата и другите правни лица кои вршат стопанска дејност на територијата на Република Македонија, а имаат седиште на територијата на другите републики на поранешна СФРЈ (“Службен весник на Република Македонија” бр.3/93).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Христо Илиевски од Скопје, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставнкоста на законската одредба означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се уредувале прашања што се однесувале на организациони и статусни односи меѓу претпријатијата, за што требало да одлучуваат сопствениците на капиталот, што не било во согласност со член 58 од Уставот.

Со иницијативата се бара Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на одлуките на Републичкиот фонд за развој со кои се потврдува уделот на матичните претпријатија со седиште надвор од Република Македонија во имотот на новооснованите претпријатија со седиште во Република Македонија.

3. На седницата Судот утврди дека со Законот се уредува начинот и постапката на усогласувањето на работењето на друштвата со ограничена одговорност основани согласно со Уредбата за привремена забрана на располагањето со недвижности, подвижни работи и права на територијата на Република Македонија и на претпријатијата и другите правни лица со седиште на територијата на друга република на поранешна СФРЈ, што имаат делови на претпријатијата на територијата на Република Македонија кои своето работење не го усогласиле на начин и во рок утврдени во Уредбата за начинот и постапката на усогласување на работењето на претпријатијата и другите правни лица и на деловите на претпријатијата и други правни лица кои вршат стопанска дејност со седиште на територијата на другите републики и автономните покраини Војводина и Косово (“Службен весник на Република Македонија” бр.9/92 и 21/92), како и правата и обврските на претпријатијата или другите правни лица од друга република кои имаат имот на територијата на Република Македонија со кој не вршат дејност, а го дале под закуп или на друг начин го користат.

Според оспорениот член 4 од Законот, претпријатието од друга република има право имотот на деловите на претпријатието што се присоединиле кон некое постојно претпријатие или кон друго соодветно правно лице со седиште на територијата на Република Македонија, да го смета за свој влог во претпријатието, односно друго правно лице кон кое се присоединиле неговите делови или со имотот на овие делови да основа претпријатие согласно со одредбите од Законот.

4. Според член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот, правната заштита на сопственоста е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со член 51 од Уставот на странските вложувачи им се гарантира правото на слободно изнесување на вложениот капитал и добивката. Правата стекнати врз основа на вложениот капитал не може да се намалуваат со закон или со друг пропис.

Согласно член 58 од Уставот сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето. Учеството во управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби се уредува со закон и врз принципот на стручност и компетентност.

Согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони.

Судот смета дека во рамките на генералното овластување да донесува закони Собранието на Република Македонија може да донесува и закони со кои на посебен начин ќе ги уреди односите помеѓу претпријатијата со седиште надвор од територијата на Република Македонија и претпријатијата со седиште во Републиката, а кои настанале како резултат на распаѓањето на поранешната СФРЈ. Притоа, Судот смета дека со оспорената законска одредба не се повредуваат наведените уставни одредби кои се однесуваат на гаранцијата на правото на сопственост, на начинот на управување со претпријатијата и на правата на странските вложувачи.

Поради тоа, Судот оцени дека нема основа да се постави прашањето за согласноста на оспорената законска одредба со наведените уставни одредби.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ и д-р Фиданчо Стоев.

Leave a Reply