59/1994-0-0

59/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, член 28 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 април 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за оценување уставноста на член 50 од Законот за данокот од добивка (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Претпријатието за економски, правни и организациони услуги и промет на производи “Економско-правно биро – БС” од Скопје и Претпријатието за трговија и услуги “Алгина” од Скопје, му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се допуштало повратно дејство на законот, што не било поповолно за граѓаните, што било во несогласност со член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија. Исто така, оспорената одредба не била во согласност со член 8 од Законот за данокот од добивка, со членовите 73 и 74 од поранешниот, како и со членовите 62 и 63 од постојниот Закон за сметководство.

3. Судот на седницата утврди дека според член 50 од Законот по исклучок на одредбите на членовите 39 и 40 од овој закон правното лице, како обврзник на данокот од добивка, е должно при плаќањето на данокот од добивка со конечната пресметка за 1993 година, како и заради утрдување на месечниот износ на аконтацијата за периодот февруари-јуни 1994 година да ја зголеми основата на данокот од добивката утврдена врз основа на податоците од годишната пресметка за 1993 година со резултатот од нивелацијата на цените на стоките, што е вклучен во ревалоризационата резерва за сразмерниот дел што отпаѓа на продадените стоки.

4. Судот утврди дека веќе ја оценувал уставноста на оспорената одредба од Законот и со Решение У.бр.18/94 од 23 февруари 1994 година не повел постапка, затоа што оценил дека таа одредба не е во несогласност со Уставот, а по повод на новите иницијативи не наоѓа основи за поинакво одлучување.

По однос на наводите во иницијативите дека оспорената одредба не е во согласност со други законски одредби, Судот, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучува.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ и д-р Фиданчо Стоев.

Leave a Reply