225/1993-0-0

225/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 март 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 252 од Законот за предучилишно и основно воспитание и образование (“Службен весник на СРМ” бр.19/83, 29/89 и 11/91).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Трајче Илиески од Прилеп му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на оспорениот член од законот означен во точка 1 од ова решение, затоа што со него се повредувало уставното право на граѓанинот да избира и да биде избран за одредено раководно место односно за директор и правото на жалба против поединечните акти и дејствија, поради тоа што на одлуката за избор на директор во основното училиште согласност давала Владата, а против нејзината одлука не било предвидено право на жалба.

3. Судот на седницата утврди дека во член 251 од Законот се утврдени условите за именување на индивидуален работоводен орган во основно училиште, а во оспорениот член 252 од Законот е предвидено дека согласност на одлуката за именување на индивидуален работоводен орган дава Владата на Република Македонија. Во член 253 од Законот е предвидено дека ако Владата не даде согласност на одлуката за именување на индивидуален работоводен орган, советот на организацијата распишува повторно конкурс.

4. Според член 44 став 3 од Уставот, основното образование е задолжително и бесплатно, а според член 45 од Уставот граѓаните немаат право да основаат приватни образовни установи во основното образование.

Од изнесеното произлегуа дека со Уставот му се дава посебен статус на основното образование, поради што е неспорен и статусот на основните училишта како јавни установи.

Според член 58 став 2 од Уставот, учеството во управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби се уредува со закон и врз принципите на стручност и компетентност.

Од изнесената уставна одредба, според мислењето на Судот, произлегува дека во јавните установи и служби учеството во управувањето и одлучувањето се уредува со закон и кај нив, пред се, битни се принципите на стручност и компетентност. Тоа значи дека вработените во јавните установи не одлучуваат самостојно, туку тие учествуваат во управувањето и одлучувањето во зависност од својата стручност и компетентност.

Според тоа, Судот оцени дека не е во несогласност со Уставот со закон да се уреди учеството во управувањето и одлучувањето во основните училишта, а во тие рамки и да се овласти Владата да дава согласност за именувањето на директор на училиштето, што претставува определено влијание на државата врз работата на училиштата како јавни установи.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека по овој основ не може да се постави прашањето за согласност на член 252 од Законот со означените уставни одредби.

5. Според член 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт, која, според член 91 од Уставот, покрај другото, врши именување и разрешување на носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон.

Од изнесеното произлегува дека Владата според Уставот, покрај другото, е овластена да врши именување на носители на јавни и други функцики што се утврдени со закон, поради што Судот оцени дека во ваков случај Владата одлучува како извршна власт, па актот за именување на директор на основно училиште не претставува управен акт во смисла на член 15 од Уставот, со кој се гарантира правото на жалба против поединечните акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.

Според мислењето на Судот, од означената уставна одредба произлегува дека со Уставот не се гарантира право на жалба против актите на Владата за именување на носители на јавни и други функции, што не ја исклучува можноста за судска заштита во смисла на член 50 став 1 од Уставот.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека и по овој основ не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената законска одредба со означените уставни одредби.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.

Leave a Reply