234/1994-0-0

234/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 март 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на член 18 од Законот за работни односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/90, 27/90, 10/91, 18/92 и 12/93).

2. На Уставниот суд на Република Македонија Сашо Стефановски од Битола му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на членот 18 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што, според оваа одредба, на работникот за чија работа престанала потребата заради технолошки и други унапредувања, на кој организацијата односно работодавецот не може да му обезбеди ни едно од правата во согласност со законот, му престанувал работниот однос по протекот на времето за кое му се обезбедувал паричен надоместок односно по протекот на две години, што не било во согласност со член 21 од Законот за основните права од работниот однос (“Службен лист на СФРЈ” бр.60/89), според кој, и по протекот на две години не се предвидувал престанок на работниот однос.

3. Разгледувајќи ја иницијативата, Судот утврди дека не е надлежен да одлучува по неа, затоа што, согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, а не и за меѓусебната согласност на законите.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ и д-р Фиданчо Стоев.

Leave a Reply