274/1993-0-0

274/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 март 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 141 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Борис Стојкоски од Скопје, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на оспорениот член од законот означен во точка 1 од ова решение, затоа што со него се ограничувало правото на жалба на работодавецот против одлуките на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, кој бил овластен да одлучува за правата по основ на инвалидност односно за правото на скратено работно време и правото на распоредување на друга соодветна работа, што не било во согласност со член 8 алинеја 3 и 6, член 9 став 2, член 15 и член 30 став 2 и 3 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 141 од Законот е предвидено против решението донесено во прв степен на Фондот односно кај работодавецот осигуреникот, корисник на пензија или членот на семејството да има право на жалба до второстепениот орган на Фондот, односно кај работодавецот, во рок од 15 дена од денот на приемот на решението. Кога постапката за инвалидност е поведена по предлог на работодавецот право на жалба има и работодавецот.

Постапката за остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување се поведува по барање на осигуреникот односно корисникот на пензија, а за остварување право на семејна пензија и други права на членовите на семејството на осигуреникот односно на корисникот на пензија – по барање на член на семејството. Исто така, постапката за утврдување инвалидност кај осигуреникот се поведува и на предлог на работодавецот кај кого осигуреникот е во работен однос, како и на предлог на лекарот што го лекува или на лекарската комисија.

4. Со член 15 од Уставот се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација, или други институции што вршат јавни овластувања.

Со член 34 од Уставот се гарантира правото на социјална сигурност и социјално осигурување на граѓаните, а со член 35 Републиката се задолжува да се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните, согласно со начелото на социјална праведност и да им обезбедуа посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека остварувањето на правата од областа на пензиското и инвалидското осигурување се лични права на граѓаните кои се гарантираат со Устав и со закон и при уредувањето на овие прашања пред се треба да им се овозможи остварување на тие права на граѓаните, во конкретниот случај на граѓаните корисници на пензиското и инвалидското осигурување.

Исто така, тргнувајќи од уставното право и должност на граѓанинот да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите (член 39 став 2 од Уставот), Судот смета дека остварувањето на правата врз основа на губење на работна способност, поради здравствени причини, е исклучиво право на работникот, но исторемено тоа е и уставна обврска на работодавецот да се грижи за здравјето на работниците вработени кај него. Во таа смисла, со законот му е дадена можност на работодавецот и тој да поднесе предлог за утврдување на инвалидност на работникот.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека со тоа што со оспорените законски одредби не му е дадено право на жалба на работодавецот против одлуките на Фондот, кога постапката е покрената по барање на осигуреникот, не се повредува уставното право на жалба на работодавецот, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член од Законот со означените уставни одредби.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.

Leave a Reply