199/1993-0-0

199/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 март 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за забрана на продажба на одделни производи на пазарот на мало, донесена од Владата на Република Македонија на 23 август 1993 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.53/93).

2. На Уставниот суд на Република Македонија “Скопски пазар” А.Д. Скопје, Аљуш Селмановски и група продавачи од Бит-пазар Скопје, како и Бранко Марковиќ од Скопје, му поднесоа иницијатива за поведување постапкаа за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата “Скопски пазар” наведува дека според правилникот за минимално-техничките услови за вршење промет на стоки на пазар на мало се подразбира организиран и уреден објект во кој се врши промет на мало на земјоделско-прехранбени производи, но е дадена можност на овие пазари да се врши промет на мало и на други производи, ако има посебно одвоен простор во зависност од видот на стоката. Понатаму, се наведува дека “Скопски пазар” бил регистриран и за обавување на дејност услуги на пазар на големо и на мало и дека оваа своја дејност ја обавувал на сите пазари на мало на територијата на град Скопје, поради што, со оспорената одлука на Владата, спротивно на Законот за промет на стоки и на означениот правилник, се забранува прометот на утврдените стоки, со што всушност се преземале законодавни ингеренции. Исто така, иницијаторот смета дека оспорената одлука не била во согласност и со член 91 од Уставот, кој ја овластувал Владата да донесува прописи за извршување на законите, а не за запирање на нивното извршување, како што е пропишано со оспорената одлука. Другите иницијатори сметаа дека оспорената одлука не е во согласност со член 55 од Уставот, кој ја гарантира слободата на пазарот, дека со забраната се загрозува егзистенцијата на голем број граѓани кои се наоѓаат во тешка социјална положба и дека одлуката не требало да го опфаќа прометот на определени производи кои спаѓаат во дејноста трговија на мало со мешана стока, за чие вршење не постојат никакви законски забрани.

3. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука се забранува на пазарот на мало на кој се врши промет на мало на земјоделско-прехранбени производи да се врши продажба на месо и сувомесни производи; кондиторски производи; безалкохолни јпијалоци; делови и прибор за моторни возила и моторни масла; електротехнички и електронски апарати, радио и ТВ апарати, машини, делови и прибор и растителни тела; готови лекови, медицински и фармацевтски суровини, производи и препарати, медицински и лабораториски апарати и инструменти, опрема, делови, прибор и потрошни материјали, освен лековити билки, и хемиски производи, бои, лакови и прибор, сапуни за перење и други средства за хигиена, детергенти, тутун и преработки од тутун.

4. Со член 55 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природната и животната средина или здравјето на луѓето.

Судот смета дека слободата на пазарот не ја исклучува можноста со закони и со други прописи донесени врз основа на закон да се уредат условите за промет на стоки. Притоа, со тие прописи не може субјектите на пазарот да се доведуваат во нееднаква положба.

Според членовите 2, 3 и 4 од Законот за промет на стоки (“Службен весник на СРМ” бр.10/90), промет на стоки вршат претпријатијата, другите правни лица и физичките лица кои самостојно вршат дејност. Како промет на стоки се смета подготвувањето, испораката, купувањето и продажбата на стоки, купувањето на стоки заради преработка, продажба на стоки од сопствено производство и купување на стоки заради продажба. Промет на стоки се врши на мало и големо. Како промет на стоки на мало се смета купување на стоки и нивна продажба на крајните потрошувачи. Како промет на стоки на големо се смета купување на стоки и нивна продажба на големо на претпријатие, други правни лица и физички лица. Според член 6 од Законот, не може да се врши промет на стоки доколку не се исполнети минимално-техничките услови.

Според член 91 алинеите 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и е одговорна за нивното извршување и е овластена да донесува уредби и други прописи за нивното извршување.

Според мислењето на Судот, со оспорената одлука не се забранува прометот на означените производи, туку само се определува тие да не можат да се продаваат на пазарот на мало кој е наменет за земјоделско-прехранбени производи, што значи дека можат да се продаваат на други соодветни места и простории. Судот смета дека регулирањето на прашањето за местото на продажба на наведените производи спаѓа во доменот на извршувањето на законот што се однесува на прометот на стоки, за што Владата има непосредно уставно овластување. Дали, пак, одлуката на Владата е во согласност со подзаконскиот акт со кој се пропишуваат минимално-техничките услови, во смисла на означениот член 6 од Законот и дали и кои производи треба да бидат опфатени со забраната, се прашања за кои Уставниот суд, согласно член 110 од Уставот, не е надлежен да одлучува.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ у д-р Фиданчо Стоев.

Leave a Reply