132/1993-0-0

132/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 февруари 1994 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВААТ

а) Одлуката за менување на називите на одделни улици во Гостивар бр.08-173/1 донесена од Собранието на Општина Гостивар на 27 мај 1993 година;

б) Решението за преименување на улиците, булеварите, плоштадите и мостовите на подрачјето на град Скопје, бр.08-2235/1 донесено од Собранието на град Скопје на 8 јули 1993 година; и

в) Одлуката за промена на имињата на некои улици во градот Кичево бр.08-85/12 донесена од Собранието на Општина Кичево на 6 април 1993 година.

2. СЕ УКИНУВА времената мерка за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија што се донесени односно преземени врз основа на актите означени во точката 1 од оваа одлука.

4. На Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива од повеќе политички партии и Општинскиот одбор на Сојузот на борците од НОВ на Македонија во Гостивар, со Решение У.бр.132/92 од 14 јули 1993 година, поведе постапка за оценување уставноста на Одлуката за менување на називите на одделни улици во Гостивар, донесена од Собранието на Општина Гостивар на 27 мај 1993 година. По иницијатива од Партијата за демократски просперитет – огранок во Гостивар и огранок во Скопје и Илија Беличанец од Скопје, со Решение У.бр.193/93 од 29 септември 1993 година, поведе постапка за оценување уставноста на Решението за преименување на улиците, булеварите, плоштадите и мостовите на подрачјето на град Скопје, донесено од Собранието на град Скопје на 8 јули 1993 година и по иницијатива од Општинскиот одбор на Сојузот на здруженијата на борците од НОВ на Македонија во Кичево и Партијата за демократски просперитет во Македонија – огранок во Кичево, со Решение У.бр.175/93 од 6 октомври 1993 година, поведе постапка за оценување уставноста на Одлуката за промена на имињата на некои улици во градот Кичево, донесена од Собранието на Општина Кичево на 6 април 1993 година. Постапката е поведена затоа што основано се постави прашањето за согласност на споменатите одлуки со Уставот. По поведувањето на постапката, Судот донесе решение за времени мерки.

5. На седницата и на јавната расправа Судот утврди дека со оспорените одлуки на Собранието на Општина Гостивар, на Собранието на Општина Кичево и со Решението на Собранието на град Скопје се менуваат називите на одделни улици, плоштади, булевари и мостови, утврдени со општи акти на поранешните собранија на овие општини односно на Собранието на град Скопје.

6. Согласно Амандманот LXIX на Уствот на Социјалистичка Република Македонија општините и градската заеадница повеќе немаат статус на општествено-политички заедници што го имаа дотогаш, кога во рамките на нивниате надлежности беа овластени да ги определуваат називите на одделни улици, плоштади, булевари и мостови утврдени со општите акти на поранешните собранија и на Собранието на град Скопје. Согласно споменатиот Амандман, тие се конституираа како самоуправни заедници со надлежности утврдени со уставот и со закон. Според член 8 од Уставниот закон за спроведување на Амандман LVII до LXXX, дотогашните прописи на општинтие и на град Скопје продолжија да се применуваат како републички прописи, а овластувањата што ги имаа како државни органи преминаа на соодветни органи на Републиката. Според тоа и овластувањето на општините и градот за определување на називите на улиците, плоштадите, булеварите и мостовите премина во надлежност на органите на Републиката.

Ваквиот концепт доби своја потврда и според Уставот на Република Македонија од 1991 година.

Со членот 114 став 1 од Уставот на Република Македонија, на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа. Според став 2 на овој член единици на локалната самоуправа се општините.

Според став 5 на овој член, локалната самоуправа се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според членот 115 став 1 од Уставот, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашањата од локално значење, особено во областите на урбанизмот, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, предучилишното воспитание, основното образование, основната здравствена заштита и други области утврдени со закон.

Според членот 117 став 1 од Уставот, градот е посебна единица на локалната самоуправа, чија организација се уредува со закон.

Според членот 117 став 2 од Уставот, во градот Скопје граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашањата од значење за градот Скопје, особено во областите на урбанизмот, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, предучилишното воспитание, основното воспитание, основната здравствена заштита и во други области утврдени со закон.

7. Според уставниот конецпт, општината и градот Скопје како единици на локална самоуправа не се надлежни за нормативно уредување на прашањата кои се однесуваат на именување на називите на улиците, плоштадите, булеварите, мостовите и друго. Од друга страна изворната надлежност на општините и градот Скопје, покрај тоа што се утврдува со Уставот во други области може да се утврди со закон (членовите 115 став 1 и 117 став 2). Републиката, исто така со закон може да им довери вршење на определни работи од својата надлежност (член 115 став 3 и 117 став 5). Републиката, меѓутоа, досега со закон не им има доверено надлежност на единиците на локалната самоуправа.

Според изложеното со одредбите на Уставот кои се однесуваат на локалната самоуправа (членовите 114-117) не е предвидена надлежност или овластување со статутите на општините и на градот Скопје или со деловниците како општи акти, да можат да сеутврдат надлежности по било кое прашање, според тоа и за определување на називите на улиците, плоштадите, булеварите, мостовите и друго. Општите акти донесени од поранешните општествено-политички заедници, на општините и градот Скопје, а кои повеќе како такви не постојат, не се и не можат да бидат правен основ за утврдување на надлежност или овластување по било кое прашање па според тоа и за менување на називите на улиците, плоштадите, булеварите, мостовите и друго.

8. Со оглед на тоа што Судот ги поништи актите означени во точката 1 од оваа одлука, Судот ја укина и времената мерка за запирање од извршување на поединечните акти.

9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

10. Оваа одлука Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

Leave a Reply